Хуманитарни пакети за ранливата категорија граѓани
Хуманитарни пакети за ранливата категорија граѓани на Охрид, пред Велигденските празници. Пакетите содржат средства за хигиена и прехранбени производи, а се збогатени и со производи кои во рамки на Неделата на солидарност беа собрани од страна на хуманите граѓани, пред се во училиштата.
Општина Охрид во соработка со Црвениот крст, денес на 40 семејства од ранливата категортија додели хуманитарни пакети. Заменик градоначалникот Ангел Јанев, од името на Локалната самоуправа на сите граѓани им го честиташе големиот христијански празник Велигден како и Првомајските празници. Тој истакна дека посебно денес, се она што му го посакува на неговите најблиски истото им го посакува и на граѓаните кои денес застанаа на ред за да добијат хуманитарни пакети.
„И денеска на оваа акција во која еден дел од граѓаните добија хуманитарни пакети. Овој чин секогаш го гледам како, дел на оние што имаат повеќе да дадат на оние кои имаат помалку, но и порака до сите нас бројот на хуманитарните пакети во иднина биде се помал а бројот на можностите кои што ги имаат и овие луѓе и сите други да биде поголем. Се разбира дека пат ко тоа е преку вработување, преку развојот на индустријата и на се она кое што во Охрид ќе води до подобар начин на живот“ – вели Јанев.
Црвениот крст е институција која што помага да се воспостави врската помеѓу оние кои што се хумани и сакаат да донираат, и оние на кои што навистина им е потребна помош.
„Ги имаме тие бази на податоци на социјално најзагрозените семејства, нашата мрежа на волонтери постојано донесува кај нас податоци кои што ги евидентираме проверуваме на терен и понатака можеме тие лица да ги повикаме овде. Овој дел кој што директно е вклучена и Локалната самоуправа е само еден сегмент пред велигден за да помогнеме на оние на нкои што им е најпотребно “ – вели претседателот на ОО на Црвен Крст сашо Точков.
Акцијата продолжува и наредната недела, односно вторник, среда и четврток кога на одреден број семејства ќе им бидат доделени хуманитарни пакети, најавува Точков. Инаку хуманитарните пакети содржат средства за хигиена и прехранбени производи, за четиричлено семејство.