Грозданов: Поликлиика ќе се гради се чека измена на деталниот план
Планот за изградба на модерна Поликлиника на местото кај постоечката Маларична останува. Се чека измена на Деталниот урбанистички план, во којшто треба да бидат зацртани три нови згради, како и посебен објект поликлиника наменета за сите здравствени дејности.
Изградбата на охридската поликлиника чека промена на ДУП, открива Цветко Грозданов, првиот човек на АДССДП од интерес на Р.Македонија. Според него засега се оди согласно планираното, но се јавил еден проблем, односно неопходноста од промена на постоечкиот ДУП. Како што првично беше најавено, таму требаше да никне голема зграда во форма на ГЕ како што е тоа зградата Кифла на Туристичка, која што ќе го зафати просторот од влезот на ОУ „Григор Прличев“, да врти према гимназија и да се спои со куќата во која живеат семејствата од социјално ранливите категории и во тој комплекс да се вклучи и маларичната.
„Согласно законот за домување и здравствените услуги не одат во исти комплекс и не можат да бидат сместени ,така да ние одлучивме да направиме промена на ДУП со помош на Локалната самоуправа, нормално таа го врши тоа и господинот Бакрачески, во кој што ќе се зацртаат три нови објекти или три згради и посебен објект кој што ќе биди поликлиника наменета за сите дејности кои што се потребни за обавување на здравството“ – вели Грозданов.
Очекувањата на Грозданов се оптимистички. Тој најави дека штом се донесе промената на ДУП или се разреши овој проблем, веднаш ќе се отпочне со градба. Директорот кажа дека Акционерскотo друштво е во добра финансиска состојба и е подготвно за реализација на овој проект. А во врска со тоа, дали е започната и кога би можело да се очекува да се изврши промената на ДУП за овој опфат, одговор побаравме од секторот за урбанизам. До затворање на дневникот од таму не добивме одговор.