ДИК бара измени во изборниот законик
Бројот на гласачи не смее да отстапува со повеќе од 5% помеѓу две изборни единици
ДИК ќе побара од спикерот Трајко Вељаноски измени во Изборниот законик, поради несразмерност. Бројот на избирачи во шестата изборна единица е многу поголем од бројот на гласачи од изборните единици еден и два. Во согласност со Законот за избори, бројот на избирачи во сите шест изборни единици треба да биде приближно ист, односно бројот на гласачи не смее да отстапува со повеќе од 5% помеѓу две изборни единици.
Не му сугерираат ништо на Вељаноски, освен што го повикуваат да постапи според законот. Со тоа, сепак, му даваат можност, да го свика веќе распуштеното Собрание за да може да се измени Изборниот законик, со што, пак, изборите закажани за 5-ти јуни, ќе мора да се одложат.
Извештајот, освен до Вељановски, ќе биде доставен и до Министерството за правда и до владата. Членот на ДИК од СДСМ, Игор Милев, рече дека, после ова, свикувањето на Собранието е законска обврска на Вељановски, но не е сигурен дека претседателот на Собранието ќе ја испочитува, затоа што, вакво известување му испраќале и до сега, но тој не реагирал.
ДИК, исто така, одлучи дека нема услови за одржување на избори во дијаспората. Причината е што се пријавиле само 5.343 гласачи, а се потребни минимум 6.500 гласачи.