Skip to main content

Правата на власите најмногу се почитуваат во Македонија

Денес припадниците на заедницата на власите го празнуваат својот национален ден.

 |  Мишел Наумоски  | 

Секогаш постои тенденција кон збогатување и признавање на што е можно повеќе национални права, меѓу кои подигнувањето на условите за користење на мајчиниот јазик, фоклорот и културата се едни од најважните според претседателот на здружението на власи од Охрид, „Луњина“, Драган Коровешоски. Денес власите од целиот свет, каде и да се наоѓаат го прославуваат својот национален ден. Според Коровешоски, иако секогаш постои можност за подобрување, сепак во Македонија, власите уживаат најмногу права од било кое друго место.

„Сметаме дека во Македонија најдалеку е стигнато бидејќи и почетоците во признавање на власите овде се уште од порано, со формирање на Лигата на власите и со формирање на Светската Лига на власите. Нивна заслуга е и овој национален ден што се празнува, а нивна заслуга е и што во Република Македонија власите и со Устав се признаени како посебен народ, така да секаде каде што живеат власите се борат за вакви признанија, сведоци сме на будење на тие национални чувства Романија, Грција, Бугарија, Хрватска, Србија, Полска, но во секој случај примерот со сето она што го постигнале власите во Македонија е најпозитивен.“-вели Драган Коровешоски-претседател на Здружение на власи „Луњина“.

Коровешоски вели дека никогаш не смее да се биде задоволен од постигнатото, туку упорно да се работи на подобрување. Тој вели дека за жал, како и кај другите народи што живеат во земјава, постои тенденција на намалување на бројот на нивните припадници.

„Припадниците се намалуваат, се помалку деца има, децата не го знаат влашкиот јазик, има потреба од организирања на редовна или некоја дополнителна настава на влашки јазик како и потреба од стимулирање на културно-уметнички друштва и други културни активности, драма, театар, издавање на литература. Ние се трудиме да понудиме вакви програми, па сметаме дека како и за сите други прашања околу власите и ова прашање ќе дојде до израз и ќе се најдат како и секогаш добронамерни луѓе кои ќе сфатат дека тенденцијата е во спојување, во разноликост на културите.“-рече Коровешоски.

Денес припадниците на заедниците на власите од Охрид и Струга односно здруженијата „Луњина“ и „Мбела“ ќе го одбележат својот национален празник со свечена академија во рамките на колеџот „Јахја Кемал“ во Струга. Инаку националниот ден на власите  во земјава се прославува цели 111 години, односно уште од 1905та година кога султанот Абдул Хамид II ги признал власите како посебен народ, со издавање на Ирадето кога им признал право на служба во црквите на влашки јазик, право на школи и право на употреба на влашкиот јазик како посебна нација.