Skip to main content

Тенденција на пораст на бројот на пловила на кои се врши технички преглед

Капетанија подготвена за големата фрекфенција на пловни објекти за технички прегледи. Од таму велат дека иако имаат некој просек на чамци кои овој период се прегледуваат, сепак очекуваат и нови прегледи со оглед на нагорниот тренд на увезување на чамци од странство.

 |  Мишел Наумоски  | 

Подготвителниот период за технички прегледи на чамците и пловилата добива на интензитет. Месеците мај и јуни според капетанот на Капетанија на пристаништата на Република Македонија, Горан Устијаноски е период во кој најголемиот број од пловните објекти ги обновуваат пловидбените дозволи и вршат технички прегледи на своите пловила. Устијаноски информира дека сите активности во моментов се одвиваат според определениот план, а за да им излезат во пресрет на сопствениците на пловни објекти, ќе имаат дежурни тимови и во сабота и недела, како и во периодот од 16:30 до 12 часот на полноќ.

„Ние водиме некоја статистика, во овој период мај-јуни кој е некако подготвителен период, тогаш имаме најголема фрекфенција на технички прегледи, се очекуваат и нови технички прегледи, се увезуваат чамци од странство, така што таа појава бележи некој нагорен тренд особено кога се работи за перформансите на самите пловила бидејќи доаѓаат пловила со понов датум на производство односно понова генерација.“-вели капетанот на Капетанијата на пристаништата на Република Македонија, Горан Устијаноски.

На самиот почеток пак на туристичката сезона, со оглед на големиот број на комерцијални пловила кои превезуваат туристи до некои од познатите охридски дестинации, еден од најважните аспекти на пловилата е и оној безбедносниот.

„Комерцијалните пловила, особено чамците за комерцијална употреба односно стопански цели и пловилата од категорија брод исто така наменети за стопански цели во потполност ги исполнуваат сите стандарди, сите правила, сите прописи, опремени се соодветни посади, нивните тековни технички прегледи се изведуваат во оние рокови кои што се предвидени. Тука постои една сосема одвоена регулатива во однос на тој процес и тука да речам до најситни детали се спроведуваат до најситни детали сите оние потребни мерки и активности.“-рече Устијаноски.

Бројката на технички прегледи кои се вршат секоја година, според капетанот Устијаноски се движи околу 400 што се однесува за рекреативни пловни објекти кои се и најбројна категорија на пловни објекти во Охридското Езеро. Инаку новиот режим на работа на Капетанија ќе важи почнувајќи од 1ви јуни.