Искршени прозорците на Куќата на Момировци лесна мета за руинирање од страна на вандалите
Искршени прозорците на Куќата на Момировци ја прават лесна мета за руинирање.
Куќата на Момироци повеќе од еден месец е со искршени прозорци. Таа се наоѓа на улицата Илинденска, попозната кај охриѓани како попарница, во непосредна близина на антички театар и е сопственост на Завод и музеј. Искршените прозорци се на прв кат и објектот станува лесна мета на вандалите за руинирање на неговата внатрешност. Директорката на прашањето дали има некакви експонати тврди дека објектот е празен. „Не, нема ништо. Сите наоди од ископувањата на антички театар и Плаошник се документирани и складирани во музејско депо , а таму во моментов нема никакви предмети“, кажува директорката Паскали Бунташеска.
Охрид нема етно музеј и овој вреден објект би послужил за таа намена, но сопственикот Завод и музеј нема намера годинава да интервенира врз објектот.
„Куќата на Момировци ќе биде предвидена за реконструкција со програма во 2017 година. Ќе се изврши комплетна санација на кровот, фасадата и ентериерот. Планирано е да се направи мини музејски простор. Во внатрешноста на објектот ќе бидат презентирани сите движни наоди кои се открија на антички театар во Охрид“, вели Паскали Бунташеска.
Инаку, куќата на Момировци е во староградски стил, а во внатрешноста имаше старинска соба во етно стил со камин, дрвена таваница со богата резба и дрвени долапи.