Skip to main content

Поголема внимателност кај граѓаните за спречување на појава на пожари

Иако засега постои тренд на намалување на бројот на интервенции споредено со минатата година, сепак предупредувањата остануваат особено поради најавите на метеоролозите за температурите кои не очекуваат летово.

 |  Мишел Наумоски  | 

Граѓаните да покажат посовесно однесување особено во летните месеци за што е можно поголема превенција од пожари. Од територијалната противпожарна единица од Охрид велат дека барем засега постои тренд на намалување на бројот на интервенции во споредба со минатата година. Охридските пожарникари досега интервенирале 104 пати и тоа 60 од интервенциите биле на објекти, 37 биле на отворен простор и 7 на моторни возила. Сепак, за да се задржи трендот, командирот на ТППЕ од Охрид, Спасе Прентоски, вели дека граѓаните мора да бидат многу повнимателни во своето однесување, особено поради температурите кои се предвидуваат за летово.

„Предвидувањата на метеоролозите кои најавуваат дека оваа година ќе биде можеби една од најтоплите во ова столетие, можни се појави на пожари поради невнимание или намера на одредени граѓани во движењето. Затоа апелирам до сите граѓани на општина Охрид, и секаде во Република Македонија, оваа година, очекувајќи ги тие високи температури внимателно да се однесуваат на отворен простор, огнот да го користат само за потреби и под контрола за да не дојде да им избега од контрола.“-вели Прентоски.

Прентоски вели дека тие се доволно екипирани за да одговорат на сите предизвици, но дека сеуште им недостасува одредена опрема која ќе биде во согласност со стручноста на нивните екипи.

„Сме задоволни со тоа што го имаме, а за следната година од страна на нашите претпоставени ни е ветено дека многу работи кои што ни недостигаат како теренско возило, пумпи кои се актуелни кога има поголеми поплави тогаш ни требаат поголем број на пумпи и одредено теренско возило што во дадена ситуација ние нема да мора да излезиме на терен кога имаме пожар на отворен простор со тешко противпожарно возило, можеме со неколку грбни пумпи, помала ќе биде и штетата и во гориво ќе заштедиме. Има и многу други поситни работи , но сепак сме доволно и технички и кадровски екипирани.“-рече тој.

Во насока на превентивно делување пред да настапат високите летни температури, со предупредување излегоа и од Дирекцијата за заштита и спасување. Тие  предупредуваат да не се пали оган на отворен простор и небезбедни места, да не се палат стрништа, меѓу и други површини, да не се фрлаат стаклени шишиња и друга стаклена амбалажа, да не се врши палење на отпад и друг горлив материјал и да не се фрлаат остатоци од цигари. Инаку во текот на минатата година, нашата ТППЕ интервенирала вкупно 287 пати.