Skip to main content

Познатите музеи во Париз се евакуираат

Нивото на реката Сена во Париз се очекува да достигне највисоко ниво

 |  инфодеск  | 

Во големите париски музеи сместени на двете страни од реката се води трка со времето за да се евакуираат збирките на уметнички дела кои се собираат со години. Лувр ќе остане затворен за превентивно евакуирање на делата кои се чуваат во складовите.

Во Париз Сена достигна 5,37 метри на референтната скала и би требало својот максимум да го достигне денес со ниво од 5,9 метри, известија властите.

Тоа ниво сепак останува далеку од оние 8,62 метри за време на поплавата од 1910 година која е референтна точка за Парижаните. Брегот е поплавен на неколку места така што автомобилите не можат да се движат по тие улици, исто како и линијата на регионалниот воз кој води долж реката Сена. Речниот сообраќај и понатаму е забранет, а едно лице се удавило паѓајќи во вода во парискиот регион.

Во регионот појужно е прогласена тревога за 13 француски департмани со повеќе од 19.000 домаќинства кои останаа без струја минатата ноќ. Со оглед на големата материјална штета ќе се прогласи состојба на природна катастрофа, ветил францускиот претседател Франсоа Олан.

Од почетокот на големите дождови вкупно се евакуирани 20.000 лица во 16.000 интервенции ширум земјата, објави министерството за внатрешни работи.

Во Баварија, на југот на Германија, бројот на жртви во поплавата се искачи на девет, а три лица се сметаат за исчезнати.

По посетата на поплавениот регион, баварскиот министер за финансии, Маркус Шедер ова го нарече “дождовен цунами”, а баварската министерка за околина Урлике Шарф го нарече невреме со “невидени димензии”, додавајќи дека ова е последица на климатските промени.