Skip to main content

Започнува првото издание на Охридскиот филмски фестивал на ангажиран филм

Охриѓани во наредните пет дена ќе имаат можност да видат дваесет долгометражни и 40 краткометражни филмови од целиот свет.

 |  Мишел Наумоски  | 

Со проекцијата на филмот „Од другата страна“ на српскиот актер и копродуцент во филмот, Лазар Ристовски и хрватскиот режисер Зрињко Огреста вечерва започнува новата филмска бајка за охриѓани, но и за сите љубители на филмот, Охрид Филм Фест. Овој прв филмски фестивал од ваков вид во нашиот град, ќе работи исклучиво со ангажирани филмови, било тоа да се политички, социјално или уметничко ангажирани. Охрид Филм Фест воедно во фокусот ќе ги стави студентските и младински филмови со подеднаква застапеност и на играни и на документарни филмови. Освен богатата филмска програма, Охрид Филм Фест ќе понуди и една друга димензија на филмот, која во нашата земја скоро и да не се случува.

“Нашата цел е да се обидеме да донесеме на овој фестивал нешто поинакво, да донесеме фимови кои ги носат и третираат оние најгорливи, најактуелни теми и овде и во светот, и да се обидеме да предизвикаме дебата, коментари, реакции, соочувања, разговори. Она што најчесто недостига, особено во нашата земја. Воглавно на филмските фестивали, еден од најубавите моменти е всушност кога после филмовите се разговара на темите, се разговара со авторите, тоа некако во Македонија не заживува. Нашата цел токму кога го конципиравме овој фестивал беше таа идеја, да донесеме филмови со такви теми, кои ги третираат тие животни приказни, на еден игран и играно-документарен начин и кои што ќе предизвикаат, ќе бидат провокативни, и ќе предизвикаат да се зборува токму за сето она што е најактуелно.”-рече директорката на Охрид Филм Фест, Сунчица Уневска.

Селекторот на кратката програма на Охрид Филм Фест, Влатко Галевски, вели дека студентските филмови кои се дел од ова прво издание на фестивалот се вистинска филмска авангарда и претставуваат мали бајадери во кои публиката и тоа како ќе ужива.

“По мене, кратката програма можеби е најзначајното нешто на овој фестивал. Затоа што предзнакот “студентски филмови”, кратки филмови е еден од најважните работи во развојот на филмот како уметност. Секогаш се почнува со студентски филм. Секогаш почетоците се со кратки форми. Ова што имав прилика и привилегија да го погледнам, над 140 филмови од цел свет ни претставуваше навистина големо задоволство и бев на големи маки да одберам некаде 40 филмови, кои би ги презентирале вкусовите, достигнувањата на најмладите автори.”-вели Галевски.

Инаку проекциите на филмовите на Охрид Филм Фест ќе се случуваат во Центарот за култура “Григор Прличев”, како и салата за проекции во рамки на Институтот за филм, Филмска академија-Охрид. Фестивалот ќе понуди главна програма, чиј селектор е директорката на фестивалот Уневска, потоа кратка програма за која задолжен е Влатко Галевски, и програмата Видици чиј селектор е новинарката и филмски критичар Марина Костова. Во рамки на фестивалот ќе може да се погледна и три филмови поврзани со Охрид во рамки на специјалната програма “Охрид на филм”. Свеченото отворање на фестивалот се случува вечерва во Центарот за култура “Григор Прличев” со проекцијата на филмот на Лазар Ристовски “Од другата страна”.