Skip to main content

Интензивирање на економската соработка помеѓу Македонија и Чешка

Според чешкиот претседател, полето за економска соработка сеуште не е доволно искористено додавајќи дека на тоа мора поинтензивно да се работи. Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески пак ги посочи примерите на соработка помеѓу нашиот град и чешките ИЦС системи како и Филмската академија од Охрид.

 |  Мишел Наумоски  | 

Продлабочување на економската соработка помеѓу Македонија и Чешка по примерот на соработката во областа на културата и развивањето на пријателските односи помеѓу двете земји. Ова меѓу другото беше пренесено денес од страна на претседателите на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов и на Република Чешка, Милош Земан на отворањето на македонско-чешкиот бизнис форум во Охрид. Според претседателот Иванов, традиционално добрите пријателски односи помеѓу Македонија и Чешка треба да се пресликаат и во областа на економската соработка.

“Особено значајна за двете држави се смета соработката во енергетскиот сектор, обновливите ресурси, развојот на малите хидроцентрали, ветерните електрани, сончевата енергија, геотермалните технологии, рударството. Посебен интерес постои и во областа на металната и електроиндустријата, во автомобилската индустрија за поврзување на македонските производители со чешки компании, хемиската индустрија, животната средина, земјоделството, прехрамбената индурстија и туризмот”-вели претседателот Иванов.

Претседателот на Република Чешка, Милош Земан рече дека е воодушевен од она што Македонија има да го понуди посочувајќи ги убавините пред се на Охрид. Земан изрази жалење што барем во моментот нема организирани тури за чешки гости кои би дошле во земјава.

“Целта на активностите и на бизнисмените, и на политичарите е да ги увидат празнините во соработката. Македонија е прекрасна земја, а доколку се има предвид дека туризмот е индустрија, тука постои празнина што треба да се пополни. И ако зборуваме за туризмот, од ова гледиште, да не заборавиме дека традиционална дестинација како Египет, па дури и Грција и други, се во опасност да бидат нападнати од меѓународниот тероризам.Кај Египет тоа многу добро се гледа.”-рече Земан.

Според градоначалникот Никола Бакрачески, Охрид веќе има примери на позитивна соработка со Чешката Република, во имињата на компанијата ИЦС системи, како и Филмската академија од Охрид преку реномираниот Прашки факултет за филмска уметност ФАМУ.

“Градот Охрид прави значаен напор во подобрувањето на бизнис климата. Инвестирањето во подобрувањето на патната инфраструктура, како и финансирањето на обуки за кадарот кој се бара во моментот на пазарот на трудот се само мал дел од тоа што го нудиме како град и држава. Инвестирањето во технолошко-индустриската зона нуди низа поволности и олеснувања.”-изјави градоначалникот Бакрачески.

Инаку на македонско-чешкиот бизнис форум учество земаат стопанските комори на двете земји, како и бројни стопанственици од Македонија и Чешка од областите на туризмот, енергетиката, автомобилската, прехрамбената и фармацевтската индустрија. Воедно во рамки на оваа дводневна посетад вајцата претседатели ќе ги разгледаат и значајните културно-историски споменици во градов, а ќе го посетат и манастирскиот комплекс во Св.Наум.