Зголемен е интересот за купување станови во Охрид
Од 850 до 1200 евра по метар квадратен може да се најде стан во центарот на балканскиот бисер Охрид, додека пак на периферијата се продаваат станови и за 600 евра по метар квадтратен. Првата линија на Кејот Македонија е најсолена и таму цената за метар квадратен изнесува и 2000 евра.
Зголемен е интересот на граѓаните за купување на станови во Охрид. Откако банките ги намалија каматите за станбените кредити, интересот на граѓаните за купување станови е се поголем. Повеќето комерцијални банки, од пред три месеци, за три отсто ја намалија каматната ставка за станбените кредити, што сепак тоа се отслика врз интересот на купувачите, сметаат од агенциите за недвижности. Наташа Спасеска сопственик на Агенција за недвижнини, открива дека сеуште најатрактивни се локациите во централното градско подрачје, популарните Билјанини Извори и вдолж брегот на Охридското Езеро а посебно биле барани ексклузивните апартмани во елитните туристички населби во Елешец, Лагадин и Рача.
„Очекуваме во иднина да се донесат нови урбанистички планови на атрактивните локации во централното градско подрачје и во Билјанини извори со што ќе има нови градби и повторно ќе се зголеми понудата, – вели Спасеска.
Како што е познато во минатото цените на становите беа енормно високи, што во споредба со годинава може да се каже дека имаме стабилен пазар на недвижности како што потенцираше Спасеска. Додаде дека стан во строгиот центар на градот може да се најде од 850 до 1200 евра за метар квадратен, а во периферијата и за 600 евра квадрат.
„Секако на охридската ривиера имаме различни цени во зависност од местоположбата Највисоки цени се во Елешец и во Лагадин од 1000 до 1500 евра а пониски се цените во Рача каде имаме од 650 до 700 евра по метар квадратен. Секако има делови со уште повисоки цени тоа е првата линија на кеј Македонија каде цените се 2000 евра и во делот Парк“.
Спасеска информираше дека најбарани биле апартманите од 30 до 45 метри квадратни, кои купувачите најчесто ги користат за викенд одмор.