Лазар Ристовски ќе го игра Цар Самоил
Ристовски кој деновиве е во Охрид во рамки на премиерното издание на Охрид Филм Фест рече дека е почестен што ќе игра една толку значајна историска личност.
Исклучителниот мултимедијален артист, продуцент, писател, и еден од најдобрите актери од овие простори, неповторливиот Лазар Ристовски ќе биде Цар Самоил во филмот режиран од нашиот Антонио Митриќески. Оваа нова соработка и ново филмско остварување било договорено во текот на вчерашниот ден, а според зборовите на Ристовски истиот ќе се снима наредната година. Ристовски изрази надеж дека ексклузивната вест за филмот за Цар Самоил и тоа дека токму тој ќе ја игра главната улога ќе предизвика радост кај македонската публика, онака како што предизвикала и кај него.
„Она што мене посебно ме радува е тоа што вчера договорив еден нов македонски филм, кој се вика „Цар Самоил“, кој ќе го режира Антонио Митриќески, и јас ќе го играм Цар Самоил. Тоа е нешто што во мојата кариера веројатно ќе биде барем за мене, а и се надевам и за публиката една од најголемите улоги во мојот живот, од различни причини, претпоставувате една од нив е што моето потекло е македонско и тоа за мене претставува чест што ќе ја играм таа улога.“-рече Ристовски.
Тој деновиве престојува токму во нашиот град, благодарение на премиерното издание на Охрид Филм Фест, интернационалниот фестивал на ангажиран филм кој од вчера, па се до 15ти јуни ќе се одржува во Охрид. Тој рече дека иако првото издание на фестивалот изгледа скромно, директорката на фестивалот Сучица Уневска и останатиот тим заслужуваат пофалби за една ваква организација.
„Сакам и да ти ја дадам мојата поддршка, јас затоа и дојдов, да ти честитам и да ти дадам поддршка да продолжиш понатаму, затоа што не е лош овој почеток, затоа што што би значело сега тука да има сто луѓе, можеби сте вие многу поважни од некои други случајни сто кои се тука. Така да мислам дека наредната година ќе биде уште подобро, треба да се работи, јас и понатака ќе ви помагам за овој фестивал да заживее затоа што мислам дека е неопходен, прво за Охрид, како еден убав и значаен историски и секако туристички град, тоа едно, а друго, според мене никогаш не е доста од фестивали, некој ќе рече леле уште еден фестивал, јас велам зошто не. Фестивалите се настани кога и оние кои не одат на кино, ќе појдат да изгледаат филм.“-вели Ристовски.
Тој информира дека неодамна завршил и со работата на последното негово филмско остварување, „Дневникот на машиновозачот“ на Милош Радовиќ, филм кој говори за мрачната страна на оваа исклучително стресна професија. Неговата светска премиера како што вели Ристовски ќе се случи на 23ти јуни на Московскиот филмски фестивал каде истиот ќе се натпреварува во конкуренција на филмови од најквалитетната А категорија. Инаку вчера се случи и свеченото отворање на Охрид Филм Фест, токму со проекцијата на филмот на Ристовски, „Од другата страна“ во режија на Зрињко Огреста. На синоќешната свеченост, воедно на Ристовски му беше врачена и награда за оставениот белег во балканската кинематографија.