Земјите од регионот заедно против сајбер криминалот
Зајакнување на капацитетите на властите од регионот во борбата со компјутерскиот криминал.
Земјите од регионот заеднички ќе делуваат во справувањето со компјутерскиот криминал благодарение на проектот iPROCEEDS кој ќе се спроведува во соработка Советот на Европа и Европската Унија. Министерот за внатрешни работи на Република Македонија, Митко Чавков, вели дека тие очекуваат соодветни бенефити од овој заеднички настап на земјите од регионот во превенирањето, но и во борбата против компјутерскиот криминал.
„Прекуграничниот аспект практично ни ја наметнува потребата од таков пристап во справувањето со овој вид на криминал и јас се надевам дека со отпочнувањето на овој проект уште повеќе ќе се подигне не само свесноста за неопходната соработка меѓу органите за спроведување на законот, правосудството и бизнис секторот, туку ќе се зајакнат и националните капацитети и во Република Македонија, и во државите кои партиципираат во овој регионален проект.“-вели министерот за внатрешни работи, Митко Чавков.
Поврзувањето на капацитетите кои делуваат во спречувањето и откривањето на компјутерскиот криминал е клучно, според Александер Сегер, раководител на Одделението за сајбер криминал во Советот на Европа.
„Ова е генерален проблем, премалку се знае за истрагите кои се водат и премалку има информирање на полицијата и статистички податоци за истраги во тек, многу малку се знае и за истрагите на обвинителствата и какви се судските пресуди. Дури и во земји каде имате статистика на истраги и гонења по тој основ, тие меѓусебно не се поврзани. Тешко дека има воопшто земја во која оние кои ја започнале истрагата, па и оние кои покренале обвиниенија на крајот да ја дознаат пресудата за нивните истраги и гонења.“-рече Сегер.
Одговорниот за сајбер криминал при МВР, Марјан Стојкоски смета дека финансискиот сектор во земјава има капацитети за борба против сајбер криминалците.
„Нашиот финансиски сектор и приватните компании сигурно си имаат капацитети кои што се грижат за безбедноста на своите системи, ги идентификуваат сите потенцијални напади како и моментални напади што се случуваат на нивната структура и соодветно одговараат. Во одредени случаи истото го пријавуваат во МВР, Секторот за компјутерски криминал кои што ние понатаму ги истражуваме тие кривични дела во соработка со Јавното обвинителство.“-изјави Стојкоски.
Проектот iPROCEEDS е проект кој ќе се спроведува покрај во нашата земја уште и во Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Косово и Турција. Истиот е насочен кон создавање цврста и стабилна соработка и со Европската Унија и Советот на Европа со цел применување на потребните регулативи и процедури за таргетирање на криминалните приноси од интернет токму во Југоистична Европа и е дел од ИПА програмата на Европската Унија.