Охридската градинка има потреба од дефектолози
Охридската градинка има потреба од дефектолози.
Градинката Јасна Ристеска има потреба од вработување на дефектолог. На иницијатива на Министерството за труд и социјална политика во тек се активности за вработување на ваков стручен кадар во градинките, информира директорката Розa Костоска. Како што таа посочува, вработувањето на ваков кадар е повеќе од потребен, затоа што се поголем е бројот на деца кои имаат пречки во развојот и со кои треба да се работи од најмала возраст.
„Ние одговоривме потврдно на прашањето од надлежното министерство дали има згрижени деца во градинката кои имаат одредени проблеми и потреби. Се надевам дека во скоро време ќе вработиме ваков стручен кадар, бидејќи дефектологот е лице кое треба да работи со деца од најмала возраст кога ќе може да се открие аномалијата кај децата како тие би се следеле во подолг период и кога ќе дојдат во основно училиште и учителите да знаат како треба да работат“, вели Костоска.
Дирекорката укажува дека присуството на дефектолог во образовните институции, почнувајќи од градинката, е многу важно. Дефектологот може да даде стручна помош на воспитните тимови кои работат со децата и кои вложуваат големи напори работејќи со нив.
„ На пример има деца кои се хиперактивни, но методите кои ги применуват воспитувачите за воспитување и образование на тие деца можат да бидат погрешни од причини што хиперактивно дете, кое на некој начин пречи во активностите кои се изведуваат во групите, може да е талентирано дете и дадените задачи не му се доволни, па затоа треба да му се дадат потешки задачи и од таа причина треба стручна помош. Не дека не се работи со тие деца, но има потреба од индивидуална работа, а бидејќи бројот на деца е се поголем помали се можностите за индивидуална работа со тие деца“, напоменува Костоска.
Се почести се случаите на деца кои се запишуваат во градинката и кои не зборуваат македонски, туку англиски јазик поради содржините кои ги гледаат на компјутер. Не се ретки и случаите на деца без развиена ситна и крупна моторика. Директорката повикува родителите повеќе време да поминуваат со своите деца и да не ги оставаат предолго пред компјутер или телевизор.
Неодaма, ресорното министерство најави дека во основните и средните училишта од 1 септември оваа година ќе бидат ангажирани вкупно 131 дефектолози за дополнително унапредување на стручните служби во образовниот систем.