Skip to main content

Охрид се поврзува со Европската и белгијската престолнина

Со новата авионска линија Брисел-Охрид на туроператорот „Thomas Cook” утрово пристигнаа 120 туристи од Белгија. Со ова дефинитивно Охрид се поврзува со Европската и белгијската престолнина. Според најавите, оваа чартер линија ќе оперира еднаш неделно до средината на септември.

 |  Јаковлева Лионела  | 

На охридскиот аеродром „Св.Апостол Павле“ утрово пристигнаа 120 туристи од Белгија  со новата авионска линија Брисел-Охрид на туроператорот „Thomas Cook”. Тие пред да дојдат се информирале за нашата земја и најголем предизвик им е културното и природното богатство на градов.

-Многу импресивно. Дочекот е навистина прекрасен знам дека и езерото е прекрасно. Ние ја избравме Македонија за одмор и сигурен сум дека нев згрешивме, вели турист од Белгија

-Многу е убаво, ми се допаѓа, многу убава земја за посета на туристи, вели туристка од Белгија.

-Прочитав некои податоци за Македонија. Знам дека Мајка Тереза е родена тука и Александар Велики. Прочитав за тоа, а знам дека има и прекрасна природа, вели гостин од Белгија.


Градоначалник Никола Бакрачески рече дека  воспоставувањето на новиот лет до Брисел во голема мера ќе придонесе во развојот на туризмот во Охрид.

Ова претставува еден навистина сигнификантен импулс за развој на туризмот во Охрид и во целиот регион. Со ова дефинитивно Охрид се поврзува со Европската и белгијската престолнина. На листата ставивме уште една европска дестинација со која Охрид, но и целиот регион ќе може да комуницираат и да привлекува гости, истакна Бакрачески.

Според најавите, оваа чартер линија ќе оперира еднаш неделно до средината на септември. Согласно редот на летање, во периодот од јуни до септември, аеродромскиот оператор очекува повеќе од 2.300 туристи да го посетат Охрид, само преку овие чартер-летови, рече Зоран Крстевски, генералнио директор на „ТАВ Македонија“.  Тоа нема да донесе само зголемување на бројот на туристи, туку и нов квалитет и искуство за охридските туристички капацитети и секако зголемен број на патници на аеродромот во Охрид, изјави Крстевски.

Серкан Карахатај, маркетинг-координатор во „ТАВ Аеродроми“ во Истанбул, ја изрази неговата благодарност од добрата соработка со „Thomas Cook”, како и со туристичките власти и професионалци во Македонија, за нивната бескрајна поддршка кон овој проект.

Силно веруваме дека летовите од Брисел ќе бидат следени со нови летови од други земји каде што„Thomas Cook” оперира, како што се Холандија, Германија, скандинавските земји и Велика Британија, изјави Карахатај.

Коен Ван ден Бош, портпарол на„Thomas Cook” истакна дека како компанија која е лидер на пазарот мора да бидат остроумни, креативни и иновативни за да можат и понатаму да се развиваат.

„Thomas Cook” годинава го слави својот 175. роденден. Во текот на овие 175 години овој туроператор секогаш ги става корисниците во своето срце. Ние сме компанија која сака патувања и со ентузијазам за патувањата секогаш одиме милја повеќе за нашите гости кои се центарот на нашиот бизнис. Денеска во Охрид повторно иновираме со воведување на оваа нова дестинација во нашата понуда. Ново – можеби е погрешен збор за Охрид кое е населен од 6.000-та година пред Христовото доаѓање. Богатата историја, заедно со Охридското Езеро, како и националното богатство се вистинскиот белег на оваа дестинација, која што многу убаво се вклопува во нашето портфолио, изјави Ван ден Бош.

Според најавите на локалните експерти за туризам, но и според тврдењата на Агенцијата за подршка и промоција на туризмот ова треба да биде најуспешната сезона досега со најголема посетеност од странските земји посебно од земјите на Бенелукс.