Струга има потреба од изградба на нова градинка
Само изградба на нова градинка ќе го реши проблемот за згрижување на најмалите стружанчиња. Во моментов сите објекти на струшката градинка „8 ми Март“ функционираат со претрупани капацитети и не можат нормално да функционираат во доменот на својата дејност.
Стружани ќе почекаат за изградба на нова градинка. Такви се прогнозите на одговорните лица во Секторот за образование при општина Струга. Сурија Рушити раководителот на овој сектор вели дека за проблемот во постоечките објекти за згрижување на деца зборуваат бројките. Во моментов биле пријавени вкупно 580 деца, од кои 480 биле примени а 100 биле на листа на чекање.
„Ако се има предвид дека и овие 480 примени се над норматив и според стандардите, а пред мене стои и извештајот од градинката, овие објекти се димензионирани за 310 деца, значи имаме 170 деца над норматив и 100 на листа на чекање значи спорни се 270 деца. Овој проблем не се решава со доградба на анекс објект туку мора да се гради целосно нов објект“.
Сведоци сме дека само оваа година Владата постојано се фали со изградба на градинки во рурални средини низ цела територија на Македонија, вели Рушити. За изјавите на актуелниот министер за труд и социјална политика дека општина Струга досега не побарала градба на градинка од ресорното министерство, Рушити со коментар.
„Не е вистина тоа, вистината е следна, Министерството нема вложено ништо во градинките последниве години. Општината има поднесено барање за изградба на 4 градинки по рурални средини, не добивме согласност. Добивме согласност за две села кои немаат капацитет и потреба“.
Рушити смета дека ресорното министерство време е да ја тргне политиката на страна и да работи во интерес на граѓаните на општина Струга кои имаат реална потреба од згрижување и воспитување на своите деца од предшколска возраст.