Skip to main content

Четкар го отвори Бело лето 2016

Означен официјалниот старт на летната туристичка сезона во Охрид. Честа да ја отвори оваа сезона му припадна на охриѓанецот Владимир Василевски Четкар кој прв настапи на третото издание на бело лето. Сите граѓани кои вчера беа во стариот дел од градот имаа проблем каде да го насочат своето внимание, на џез концертот, на карневалската музика, на егзебициите на уметниците од баскерфест или охридските диџеи.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Со прекрасниот концерт на нашиот сограѓанин познатиот автор, вокалист, композитор Владимир Василевски Четкар, во предворјето на црквата Св Софија беше означен почетокот на летната сезона во Охрид. Оваа туристичко – промотивна манифестација годинава го бележи своето трето издание. Првиот човек на градот Никола Бакрачески, открива дека овааа сезона нашиот туристички бисер ќе биде центар на културните збиднувања како никогаш до сега.

„Ако по утрото денот се познава, тогаш оваа вечерна комбинација на божествена убавина на западната страна на црквата Света Софија комбинирана со прекрасните звуци на Владимир Четкар Секстет го најавува богатото културно уметничко лето кое ќе се случува оваа година во Охрид. Охрид живее во духот на културата. Оваа година ние рано почнавме со голем број на манифестации кои го одбележаа почетокот на туристичката сезона, а денес продолжуваме со официјалниот почеток на летната сезона во која што ќе престојат голем број на културно – уметнички и забавни настани, многу повеќе од било која година пред тоа “ – вели Бакрачески.

Дел од своите емотивни моменти пред публиката во предворјето на Црквата „Св Софија“, ги пренесе Владимир Четкар, во еден неповторливи амбиент воодушевувајќи ја публиката која го следеше неговиот концерт.

„Најубаво чуство е да се настапува во местото каде некогаш си играл криенка, рацете горе. Професионалниот дел од мојот живот после 20 години кој почнав да го работам и презентирам пред центарот на охирдската архиепископија, најсветото место за мене во Охрид е навистина со помешани чуствоа како приватни така и професионални“- истакна Четкар.

Оваа манифестација е вистински начин на претставување на нашата држава во светот, истакна охридскиот музичар Влатко Плевнеш.

„Апсолутно ја поддржувам, и многу значи како манифестација, да даде Господ уште многу вакви манифестации да имаме во градов. Ова е вистински начин на претставување на нашата држава со нашата македонска култура, со вакви големи уметници“ – изјави Плевнеш.

После завршувањето на концертот, забавата продолжи со дефиле на перкусионистичката група „Каранос“ од Воден, кои ја разиграа охридската чаршија со звуците на самба – реге, африкански и бразилски ритмови. Завршниот дел од манифестацијата беше резервиран за охридските диџеи „Nikola Tony“ и „Nikola from Ohrid“, кои имаа настап на плоштадот кај „Долна Порта“.