Велосипедските патеки во Охрид без насока
За да можат да бидат безбедни учесници во сообраќајот, велосипедистите бараат на постоечките велосипедски патеки во Охрид да бидат обележани насоки за движење. Оваа забелешка, во нивно име, јавно ја посочија дел од охридските советници.
Светскиот тренд примена на велосипеди низ градските улиците добро е што е присутен во најголемиот туристички центар, Охрид. Но, дел од охридските советници на последната седница на Совет ги изнесоа своите забелешки дека велосипедските патеки во Охрид се без обележани насоки кои велосипедистите можат да ги користат. На патеките кои во моментов не се обележани, не можат да се снајдат ниту професионалците нити пак аматерите, вели Жаклина Лазареска, советничката на СДСМ.
„Може да настане голема незгода, да се сретнат велосипедисти од двете страни, значи многу е небезбедно да се постави нешто а истото да не биде регулирано онака како што треба“ – вели Лазареска.
Велосипедските патеки во моментов се небезбедни и опасни, смета советничката на НСДП, Верица Хајба. Таа посочи дека не е потребна само теорија во изготвување на некакво сообраќајно решение за велосипедските патеки кои ги имаме во градов, туку и практично треба да се испитаат аспектите за оправданоста од поставување на истите.
„Тие што ги поставуваат прво да земат да извозат точак и да видат дали е возможно конкретно на ул „Македонски Просветители“ каде што имаме двонасочно возење имаме поставено ознака т.е одбележување кое е опасно за сите учесници во сообраќајот и пешаците и за жал со оваа нова одлука таа грешка не е корегирана која може да има фатални последици со човечки жртви“ -смета Хајба.
Оливија Пирузева Јанева од СДСМ, смета дека велосипедските патеки со постоечките критериуми се грешка и погрешна проценка на стручните лица за оваа проблематика. Таа побара обезбедување услови за поинаква изработка на велосипедските патеки онака како што навистина треба.
„Под итно мој апел е да се отстранат, тие без потреба стојат, едноставно луѓето се многу збунети, велосипедистите навистина не знаат кој од која страна треба да вози и каде треба да оди, ниту има сообраќаен знак почеток или на крај на патека,ниту се знае во кој правец треба да вози велосипедистот возат во двата правци истовремено и кога ќе се пресретнат едниот треба да излезе за да помини другиот “
Својот став во врска со сообраќајните решенија во градов каде спаѓа и студијата за велосипедските патеки, го изнесе и секретарот на општина Охрид Димитар Спасески.
„Сите тие се изработени врз основа на проекти изработени од стручни лица од област и навистина мене ми е жал што вие добивате информации од квази експерти од областа на сообраќајот, кој што во минатото имаа шанса да направат нешто за овој град и не успеаа да го направат и веројатно тоа е крик на нивната љубомора затоа што покажаа крајна неспособност и нестручност да тие тоа го направат а оваа Локална самоуправа ги реализира сите ветувања кои што ги дала пред граѓаните и тоа така ќе биде до последниот ден од нашиот мандат“ – вели Спасески.
Експертите по сообраќај кои телевизија ТВМ ги консултираше, сметаат дека убаво е што е направен обид за одвојување на велосипедскиот сообраќај од останатиот, но во нашиот град велосипедските патеки биле импровизација. Според нивното мислење велосипедистите биле доведени во заблуда бидејќи не била означена насоката за движење, а физичките прегради само дополнително ја усложнувале состојбата. Тие столбчиња не дозволуваат никакви маневри на велосипедистот. Експертите го потенцираа основното начело за сите учесници во сообраќајот, а тоа е, за секој учесник мора јасно да биде означена насоката на движење со цел да може безбедно да се движи.