Хајндл: Договор мора да има пред летните одмори
За Македонија е многу важно кризата што поскоро да се надмине
Германскиот пратеник Јоханес Хајндл на поединечни средби ги слушна позициите на потписниците на Договорот од Пржино. СДСМ инсистира на прецизирање конкретни чекори за исполнување на условите за предвремени избори. Лидерот на опозицијата Зоран Заев посочил дека во следните денови е можен договор за избирачкиот список и за медиумите.
Во ВМРО ДПМНЕ, Хајндл не беше пречекан од Никола Груевски туку од партиска делегација. За владеачката партија изборите се прифатливо, посакувано и единствено решение за надминување на кризата, но тоа треба да биде без неосновано лицитирање на нови термини кои подоцна ќе бидат одлагани.
-Договор за надминување на полтичката криза мора да има што поскоро, пред почетокот на летните одмори. За Македонија е мошне важно кризата што поскоро да се надмине бидејќи таа криза не е добра за инвеститорите кои и се потребни на македонската економија, изјави германскиот специјален пратеник Јоханес Хајндл за порталот НОВА.
Прашан дали успешноста на неговата посета на Скопје е доведена во прашање поради тоа што не успеа да се сретне со лидерот на ВМРО ДПМНЕ Хајндл во изјавата за НОВА кусо одговори дека бил информиран дека Груевски е на приватно патување и дека одговорноста за состојбите е на политичките лидери.
-Мојата улога е посредничка, а одговорноста за состојбите е на политичките лидери и од нив зависи успешноста на процесот за надминување на кризата, изјавил Хајндл.