Skip to main content

Ќе се проширува ли градскиот превоз со уште неколку нови линии

Ќе се проширува ли градскиот превоз со уште неколку нови линии. Автопревозниците велат дека нема економска оправданост за тоа. Од АД „Галеб“ се задоволни од подобрувањето на условите за негово одвивање, но велат дека треба да се направи поголем ред на постојките кои се узурпирани од диви превозници. Бараат да се изградат специјални џебови каде што ќе можат да застануваат возилата кои качуваат и слегуваат патници.

 |  Јаковлева Лионела  | 

 

Локалната најавува воведување на уште неколку нови градски линии. Планирано е во функција да се стави линијата која ќе поминува по улица „Партизанска“, пред ФТУ и по улицата „Асном“. Но се поставува прашањето дали и колкава ќе биде економската оправданост за автопревозниците кои ќе возат на овие линии.

Ние како фирма немаме пројавено интерес и нема да учествуваме на тендерот. Сметаме дека овие две линии и уште неколку кои ги покриваме се сосема доволно и ги задоволуваат потребите земајќи го во предвид капацитетот на градот, вели Димитар Василевски – директор на АД „Галеб“.

Василевски објаснува дека линијата која поминува по „Железничка“ сеуште нема некоја голема економска оправданост, додека пак линијата кој минува низ Видобишта и населбата „Гоце Делчев“ е многу атрактивна и граѓаните редовно го користат градскиот превоз. Директорот на најголемиот превозник во градов кажува дека во голема мера се подобрија условите за одвивање на линискиот превоз со поставувањето на автобуските постојки, но има една голема забелешка бидејќи тука се паркираат и застануваат дивите автопревозници како и таксисти, а во летниот период токму кај некои постојки во централното градско подрачје се паркираат и автобусите кои вршат слободен превоз, односно оние кои носат туристи во градов.

Ние сме тие кои плаќаме за овие постојки. Нашата фирма и другите се  легални превозници имаме дадено поголема сума за поставување и одржување на постојките, а тие се узурпираат од некој кој не дал ниту денар. Тоа посебно е случај на постојката кај Печијаре и кај Мини маркет. Апелирам до полицијата конечно да го реши овој проблем кој се провлекува со години и кој е се поевидентен, вели Василевски.

Василевски предлага на улиците, посебно каде има постојки, да се направат џебови, како нивните возила би можеле да застануваат во нив и да не пречат во одвивањето на сообраќајот. Тој посочува дека ситуацијата е уште полоша откога се направија кружните текови бидејќи прегледноста е многу помала.