Граѓаните бараат почист градски пазар
Граѓаните реагираат на хигиената на градскиот пазар. Велат дека треба да се поработи на чистотата на пазарот со оглед на тоа што тој е посетен од голем број охриѓани, но и гости. Од ЈП „Градски пазар“ тврдат дека нивните екипи секојдневно се грижат за одржувањето на хигиената во пазарот, а во тоа имаат помош и од ЈП „Комуналец“.
Градскиот пазар во Охрид е едно од најпосетените места посебно во летниот период. Граѓаните и туристите секојдневно од таму се снабдуваат со свежо овошје и зеленчук. Големата фреквенција на луѓе како и високите температури си го прават своето па многупати хигиената на пазарот не е на највисоко ниво. Граѓаните коментираат дека тоа не му доликува на туристички центар како што е Охрид.
Од ЈП „Градски пазар“ тврдат дека нивните екипи особено се ангажирани околу одржувањето на хигиената во пазарот бидејќи од тоа во голема мера зависи и неговото функционирање, а додаваат дека имаат помош и од ЈП „Комуналец“.
Ние редовно ја одржување хигиената на пазарот. Еднаш неделно се врши дезинфекција и дератизација на истиот. Имаме соработка со ЈП „Комуналец“ кои секојдневно го подигаат отпадот, но во летниот период поради специфичните временски услови доаѓа до почесто расипување на производите што влијае на хигиената во пазарот. Апелираме и граѓаните да се повнимателни и тие повеќе да се грижат за пазарот да биде чист, вели Марија Завојчева- портпарол на ЈП „Градски пазар“.
Инаку досега требаше да бидат започнати градежните работи за изградба на современиот зелен пазар кој се најавува години наназад. Како што во месец мај изјави првиот човек на градот Никола Бакрачески во завршна фаза била подготовката на финалната документација, односно на одобрението за градба кое требаше да биде издадено од страна на Министерството за транспорт и врски. Според него требаше да се финализираат уште неколку корекции кои биле предочени од страна на стручните служби, на основниот проект и на архитектонско урбанистичкиот проект по што требаше да биде издадено одобрението за градба. Според најавите на инвеститорот, АД Илинден и обврските кои произлегуваат од договорот за јавно приватно партнерство, но и од Законот за градежно земјиште и Законот за градба требаше веднаш после тоа да се отпочне со градежните работи за изградба на покриен зелен пазар. Сопственикот на АД „Илинден“, Раде Трајкоски денес за ТВМ изјави дека речиси сите формалности се завршени и од 1ви септември започнуваат со изградбата на пазарот.