Зголемен бројот на стомачни вируси
Со зголемувањето на температурите расте бројот на стомачни инфекции предизвикани од различни типови на вируси и бактерии. На охридското инфективно одделение регистрирани се голем број лица со симптоми на стомачен вирус како и бактериски труења.
Зголемен е бројот на прегледи на инфективното одделение при Општа болница Охрид. Др Гордана Пешликоска вели дека тоа е нормално за овој период од годината бидејќи стомачните вируси се најизразени во летниот период. Со симптоми на цревни вируси и бактериски труења се јавуваат лица од локалното население, туристите, а има случај кога и цели семејства ги чуствуваат симптомите на т.н. „Стомачен грип“, нагласува Др Пешликоска.
Таа појасни дека стомачен вирус или гастроентеритис е медицинска состојба која се карактеризира со воспаление на гастроинтестиналниот тракт, кој ги вклучува стомакот и тенкото црево. Тој се нарекува и „стомачен грип“, иако не е поврзан со грипот. Најчести симптоми се повраќање и дијареа. Кај некои лица се појавува само дијареа, без повраќање. Др Пешликоска вели дека летните вируси се краткотрајни, брзо се санираат со рехидрирање на инфективното одделение. Фазата на повраќање обично траела 1 – 3 дена, додека дијареата можела да продолжи и 1 до 2 недели. Додава дека исто така, може да се појави главоболка, треска и абдоминална болка, а ретки се случаите кога стомачните вируси може да предизвикаат и компликации, особено кај лицата со намален имунитет.
Др Пешликоска нагласи дека стомачниот вирус најчесто се шири при контакт со заболено лице, или индиректно преку загадена вода, храна и предмет. Вирусниот гастроентеритис обично се дијагностицира врз основа на симптомите. Дополнително, може да се направи лабараториски тест на столицата за да се утврди типот на вирусот од кој е предизвикан гастроентеритисот.
За заштита и превенција од стомачни вируси Др Пешликоска препорачува, избегнување контакт со заболено лице, одржување лична хигиена, редовно и почесто миење раце со сапун и топла вода, користење на средства за дезинфекција на рацете, избегнување допирање на очи, нос и уста со неизмиени раце, темелно миење на овошјето и зеленчукот пред конзумирање и термичка обработка на месото, чистење и дезинфекција на површини, а особено на детските играчки, користење на флаширана вода и избегнување на користење на коцки мраз при конзумирање на течности.