Skip to main content

Уникатни инстрименти за прв пат во Македонија на Охридско Лето

Вечерва во Црквата Св Софија гостуваат уметници кои музуцираат на ретки инструменти досега неслушнати во Македонија. Извонредните Карло Торлонтано и Масимилиано Питоко односно италијанското дуо „Алфорн и Бајан“ ќе се претстават со два инструменти од традиционалната и популарната култура – алфорн и бајан. Во вториот дел од концертот, публиката ќе има можност да ужива во музицирањето на бајан на светски познатиот уметник и пофесор, Јури Шишкин.

 |  Николоска Биљана  | 

Фестивалот Охридско Лето ја потврдува својата ексклузивност преку гостување на уметници кои музицираат на ретки инструменти кои до сега не се слушнати во Македонија, но и во регионот. Како што информираше музичкиот селектор на Охридско лето, Гордана Јосифова Неделковска, по извонредниот настап на „Glass Duo“, фестивалската публика вечерва ќе има ретка можност да ужива во музицирањето на уште еден уникатен инструмент, Алфорн. Станува збор за дуо, кое со интерпретација на својот уникатен звук доживува огромни успеси насекаде во светот, додава Неделковска.

„Во нашата меѓусебна комуникација, г-динот Карло даде неколку предлози како да настапи со овој инструмент, уникатен, ексклузивен, алфорн…предлозите беа да настапи како солист со гудачки квартет, како солист со камерен инструмент со чембало или со бајан. Земајќи во предвид дека во програмата имаме вклучено неколку камерни оркестри и гудачки оркестар, сепак сметав дека најексклузивно претставување ќе биде ова ексклузивно дуо „Алфорн и Бајан“ – вели Неделковска.

Инструментот алфорн датира уште од пред две илјади години. Се поврзува со Келтските племиња кои се населиле на северните падини на Алпите и се користел како средство за комуникација. Во рацете на уметникот Карло Торлотано, доаѓа пред 20 години. Тој за прв пат престојува во нашата земја и за прв пат ќе свири на инструментот алфорн.

„Тоа беше љубов на прв поглед особено бев фасциниран од чистотата на звукот и чуството што се јавуваше во моите раце како еден инструмент кој оживува додека го држам. Можам да ги почуствувам вибрациите на дрвото внатре во моето тело и ова е чуство што друг инструмент не може да го понуди“ – изјави Торлонтано.

Јури Шишкин е победник на многу интернационални натпревари, а својата концертна дејност ја започнал на 25 годишна возраст. Тој има настапувано во сите поголеми музички центри во Европа, Азија и Америка, а за прв пат вечерва ќе настапи кај нас. Шишкин, покрај концертната дејност, важи за истакнат педагог кој има одржано мастер класи во повеќе метрополи во светот.

„Сакам да кажам дека ова е голем настан за мене затоа што доаѓам во Македонија за прв пат. Јас пораснав со самиот поим Македонија и од најрани години имам слушано за оваа земја, тоа е земја на големи херои и за мене е голема чест да свирам на фестивал каде настапуваат толку големи и славни имиња. Јас овој пат во својата програма вклучив дела кои не се напишани конкретно за хармоника а повеќето од нив се напишани за оркестар“ – вели Шишкин.

Љубителите на музичката уметност вечерва во црквата „Света Софија“ ќе имаат несекојдневна можност да го проследат настапот на Карло Торлонтано на алпски рог од Италија, Максимилијано Питоко на бајан од Франција и Јури Шишкин на хармоника од Русија. На својот репертоар ќе бидат изведени дела на Бартеш, Дворжак, Боелман, Дакила, Ангелис, Фаркаш, Глаиснер, Семионов и Моцарт.