Старата турска чаршија, магнет за гостите кои доаѓаат во Охрид
Едно катче во Охрид речиси да нема турист кој не го посетил, а посебно оние од странство. Тоа е старата турска чаршија. Таа со својата автентичност, убави мириси на ќебапи и други национални и ориентални јадења ги мами гостите на гастрономско ужување. За љубителите на благо има баклава, а оние кои сакаат чај можат да го пробаат подготвен по оригинален турски рецепт. Сопствениците на објектите велат дека добар квалитет, добра услуга, а пристапни цени е вистинската формула за успех.
Старата турска чаршија магнет за гостите кои доаѓаат во Охрид. Ова катче од градот кое има посебна душа и шарм со својата автентичност ги привлекува домашните и странските гости. Холанѓани, белгијци, срби, турци, а и туристи од Македонија доаѓаат тука за да се освежат со турски чај, боза или лимонада, да каснат вкусни ќебапи и други национални специјалитети или да се заблажат со оригинална турска баклава. Во оваа чаршија сеуште има еснаф. Сопствениците на угостителските објекти и продавници велат дека во тоа се крие и тајната на нивното долгогодишно работење и опстојување.
Ова е старата чаршија и има поинаква култура. Ми се допаѓа тоа и затоа доаѓам често на ова место, вели еден турист од Македонија.
Одам и по други кафани, но овде ми е најубаво. Се чуствува духот на минатото. Јадењата се прекрасни, а има и добра услига, вели друг турист од Турција.
Во овај дел од градот се претежно рестораните каде се служат традиционални јадења, но и турски специјалитети затоа доаѓам тука , вели еден посетител.
Јас сум од Турција. За мене цел Охрид е прекрасен, но оваа чаршија ми е омилено место и секогаш кога сум тука се чуствувам како да сум во некоја стара чаршија во Турција, вели гостинот од Турција.
Сопствениците на угостителските објекти кои се наоѓаат во старата чаршија велат дека главен адут со кој ги привлекуваат гостите е автентичноста и на објектите и на понудата. Ќебапчилницата „Вкусно“ веќе години наназад опстојува нудејќи ќебапи, плескавици, разни салати, природна лимонада и уште многу други производи кои ги бараат гостите.
За да дојдат гостите кај нас треба да имаме добра услуга, но и пристапни цени. Кај нас цените се исти преку цела година и затоа секогаш сме полни со гости. Тие знаат да го ценат тоа . Добар квалитет, добра услуга а пристапни цени тоа е формула за успех, вели Сали Јусуфи, сопственикот на ќебапчилница „Вкусно“.
Со богат асортиман на национални јадења може да се пофали и гостилницата „Ариф“. Има гравче тавче, мусака, полнети пиперки, многу ориентални специјалитети, чорби, печено пилешко. Сопственикот на гостилницата Мексут Умер вели дека досега работата убаво им одела, но оваа година бројот на гости е значително намален.
Моментално најмногу имаме турски гости, срби, гости од Албанија. Оваа сезона засега е нешто послаба посетеноста, но се надеваме дека ќе биде подобро во наредниов период, вели Умер.
Откога гостите добро ќе се најадат можат да се заблажат во баклаварата „Антеп“ каде се нудат оригинал турски баклави со ореви, фстаци, а има и локум и алва. Туристите се добро запознаени со оваа мала, ама слатка продавница и ретко ја одминуваат, вели Сунај Љуман кој долги години работи тука.
Ако и понатаму го задржиме стариот дух на продавницата , но и на оваа чаршија ние ќе привлечиме уште повеќе гости. Посебно странците го бараат тоа, нормално важна е и услугата и квалитетот на што ние постојано работиме, вели Љуман.
На посетителот на старата чаршија му останува уште да се освежи со турски чај кој се нуди во повеќе чајџилници во овој дел од градот. Чајџилницата „Истамбул“ е една од постарите каде се подготвува турски чај по оригинална рецепта.
Можеби малку необично, но чајот повеќе се конзумира налето отколку на зима иако сите мислат дека е зимски пијалок. Чај најмногу бараат гостите од турција, но тука некаде се и оние од Полска и Чешка. Пиењето турски чај е ритуал и посебно уживање, вели Џенгис Мујвин, сопственик на чајџилницата Истамбул.
Од импресиите на туристите и разговорот со сопствениците на објектите кои со години функционираат во старата турска чаршија може да се заклучи дека таа е добар пример како да се привлечат гости и што да им се понуди во делот на гастрономијата. Можеби овие факти треба добро да се земат во предвид при изготвувањето на локалната стратегија за развој на туризмот. Секогаш да се тежнее да се задржи оригиналноста, но и квалитетот на понудата и услугата. А, од цените да не боли глава.