Skip to main content

Танески: Свлечиштето во Даљан ќе се санира после летната сезона

Летната сезона го пролонгира рокот за градежни зафати во населба Даљан. Таму пред шест месеци настана сериозно оштетување на патот како последица на надојдената вода од реката Даљан. Надлежните велат ако сега се влезе со обемни градежни активности, пристапот до комерцијалните објекти кои се наоѓаат тука целосно ќе биде отежнат.

 |  Николоска Биљана  | 

Не постои опасност од свлечиштето во населба Даљан, тврдат одговорните од Секторот за комунални дејности сообраќај и улици. Пред повеќе од половина година мештаните кои гравитираат во овој дел од Охрид, укажаа дека стравуваат од целосно лизгање на патот, кои дополнително ќе влијаат врз безбедноста на возилата и луѓето кои се движат кон Извидничкиот Центар и во хотелот „Даљан“.

Како резултат на анализите кои што ги правиме тука сметаме дека во моментов не постои опасност од лизгање на земјиштето на тој потег, а знаеме дека официјално од средината на месец јули водата започнува да се повлекува, па ќе почекаме да дојде на уште пониско ниво надојдената вода, но и да помине туристичката сезона, имајќи го во предвид фактот дека Даљан е едно туристичко место, тука се наоѓа и комерцијалниот објект на хотел Даљан“. 

ТВМ, во континуитет го следи проблемот со свлечиштето во Даљан. Нашите сознанија говорат дека самоиницијативно, мештаните камењата ги отстраниле од патот, за да ослободат простор за автобусите со туристи кои доаѓаат тука, а исто така го расчистиле и теренот обраснат со трња. Танески вели дека во тоа помогнале и екипите на ЈП Охридски Комуналец.

„По налог на Секторот за комунални дејности, ЈП „Охридски Комуналец„ изврши пообемно расчистување на теренот, сведоци сме на невнимание на несовесност на поединци ја допуштаме можноста делови од камениот насип да бидат намерно или не намерно турнати во реката, но од она што го имаме како информација на терен од стана на надлежните служби, нема опасност од појава на свлечиште на овој потег“.

Како што веќе информиравме свлечиштето во Даљан настана како последица на неправилното чистење на коритото на реката Даљан. На тоа место без потреба била направена кривина, така што реката удирала под прав агол и го ерозирала земјиштето. Инаку овој пат е единствениот кој води до хотелот и извидничкиот центар.