Skip to main content

Вилата мал Св. Климент направи своја винарија

Вилата мал Св. Климент направи своја винарија во која ќе се прави вино од автохтони сорти на грозје кои се карактеристични за охридскиот регион. Со тоа туристите добиваат нова туристичка понуда. Ова е ретка можност да пробаат вино кое го нема на друго место. Начинот на производство ќе биде како во античкиот период. Виното ќе се чува во амфори.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Нова туристичка понуда во градов. Вилата мал Св. Климент направи своја винарија во која ќе се прави вино од автохтони сорти на грозје кои се карактеристични за охридскиот регион. Идејата за ваква винарија произлегла од интересот на гостите  за охридските вина кои имаат свои карактеристики кои ги немаат останатите вина во светот. Сопственикот на винаријата Будимир Соколовиќ вели дека тоа можеби не се некои врвни вина по својот квалитет, но се единствени бидејќи се произведуваат од ретки сорти. Многу интересен и единствен е и начинот на производството на виното во новоотворениот вински подрум. Тоа покрај во бочки ќе се чува и во специјални садови- амфори.

Тоа е најстарата метода на производство на вино од античкиот период . Посебно интересно е дека во охридскиот регион имаме  имаме една сорта на грозје кое пшотекнува од античкиот период  од 4- 5век п. н.е. , а тоа е памидот од кој се правело вино во амфори слични на овие што се во винаријата, вели Соколовиќ.

Вилата мал Св. Климент ја посетуваат гости од целиот свет. Тие го сакаат ова место токму поради неговата единственост и поради духот на минатото кој може таму да се почуствува.

Досега на гостите им дававме по една чаша вино за добре дојде и тие се изненадени од посебноста на неговиот вкус. Деновиве започнавме во просториите на винаријата да служиме и традиционален доручек па реакциите на нашите гости се многу позитивни, објаснува Соколовиќ.

Винаријата пред неколку дена  ја посетиле и дегустатори од Франција на кои им биле понудени вина од сортите рекацители, памит, охридско црно и вранец од охридскиот регион. ЗА нив тоа било ново доживување бидејќи таков вкус на вино досега никаде на друго место не вкусиле. Сопственикот на оваа винарија вели дека треба се да направиме да си ги зачуваме старите сорти на грозје. Кажува дека голем број охриѓани кои имаат свои лозја за жал не ги обработуваат и ги оставаат на забот на времето.

Апелирам до сите кои имаат лозја а не ги обработуваат да ги ревитализираат  и да ги обноват. Не дека преку продажбата на грозјето ќе остварат некој голем профит, но со тоа ќе ја задржиме традицијата и она по што бил препознатлив охридскиот регион, а тоа се нашите локални автентични производи, вели Соколовиќ.

Винаријата официјално ќе биде отворена на големиот празник Св. Климент, а со овогодинешната берба во октомври ќе започне производството на вино кое ќе може да се дегустира напролет.