Пријавувањето на спорните гласачи е со рок до 19 август
ДИК соопшти дека до вчера до 13 часот се пријавиле 397 гласачи
Државната изборна комисија соопшти дека во првите четири дена од пријавувањето, до вчера до 13 часот се пријавиле вкупно 397 граѓани за кои има несовпаѓања на податоците во Избирачкиот список. На списокот се 39.502 спорни гласачи, кои до 19 август треба сами да се пријават за да се регистрираат за гласање.
„Од овие 397, 86 се пријавиле во подрачните одделенија и канцеларии или во дополнителните канцеларии на Државната изборна комисија, додека 311 граѓани пријавувањето го оствариле преку веб-апликацијата на Државната изборна комисија“, соопшти ДИК.
Најмногу пријавени има во општина Чаир – 53, потоа Аеродром – 50, па општините Карпош и Кичево, каде се пријавиле по 27-мина. При пријавувањето, граѓаните мора да носат важечка лична карта или пасош, а може да се пријавуваат и преку Интернет со посебната апликација „Провери и пријави се“ поставена на веб страницата на ДИК.
Според списокот, најмногу спорни гласачи има во Општина Чаир – 5.418 гласачи, во Општина Тетово – 3.183, Општина Гостивар – 2.671, Општина Сарај – 2.420 и во Општина Куманово која има 2.074 спорни гласачи. Најмалку неконзистентни записи има во општините Пехчево и Ранковце – по 1, Чешиново-Облешево, Карбинци и Зрновце – по 2 и во Дебарца 4 спорни гласачи.