Матурантите од охридската гимназија синоќа и официјално се простија со нивните средношколски денови
Со традиционално фрлање на капите и свечено доделување на дипломите охридските матуранти синоќа заокружија едно поглавје во нивниот живот. На свеченоста која беше организирана по тој повод присуствуваше и градоначалникот Никола Бакрачески кој им порача секогаш да бидат оптимисти, да веруваат во своите потенцијали и да сонуваат зошто само така можат да го остварат својот сон.
Матурантите од охридската гимназија синоќа и официјално се простија со нивните средношколски денови и со оваа образовна институција во која ги поминаа можеби најубавите години од нивниот живот. Со традиционално фрлање на капите и свечено доделување на дипломите тие ставија крај на едно поглавје во кое многу научија, но и си ги отворија вратите за уште многу да учат и да се надоградуваат и како личности, но и професионално. На свеченоста присуствуваше и градоначалникот Никола Бакрачески кој на матурантите им порача секогаш да бидат оптимисти, да веруваат во своите потенцијали и да сонуваат зошто само така можат да го остварат својот сон. „Не дозволувајте буката на другите гласови да го замре вашиот сопствен глас. Имајте храброст да ги пратите вашите страсти , вашето срце и вашата интуиција. Немој да губите време да го живеете животот на други луѓе, бидејќи вашето срце и вашата интуиција знаат што вие навистина сакате да бидете и верувајте во вас“, им порача градоначалникот на матурантите кои треба да бидат иднината на овој град.
Она што вие го поседувата не е само парче хартија. Тоа е она што сте го добиле од вашите родители, учители, професори. Тоа е вашето знаење кое е ваѓшата моќ и потенцијал. Сите ние имаме голеи очекувања од вас. Искористете го вашиот потенцијал, применете го во пракса и изградете поубава иднина за вашиот и нашиот град, рече Бакрачески..
Пред присутните се обрати и директорот на училиштето Звонко Трпески кој со гордост кажа дека името на оваа најстара средна образовна институција во градов го носи името на патронот на Охрид, Св. Климент Охридски што е посебна чест , но и одговорност.
Нашава гимназија е тесно врзана со тоа име и во изминативе децении од нејзините редови излегле еминентни имиња кои нераскинливо се врзани за културно општествениот развој на градот . Ние секоја година испраќаме нови и нови генерации кои стануваат дел од нераскинливото општествено, политичко и културно ткиво на градот, рече Трпески.
На матурантите им упати порака и претседателот на советот на родители, Стефан Димоски. Тој им рече да творат и создаваат, градат пријателства, бидат хумани, храбри и самоуверени и подготвени да се усовршуваат.
Заедно со Вашите родители-членови на Советот, тимски работевме и, слушајќи ги Вашите мислења но и размислувањата на професорите, се обидувавме да бидеме носители на позитивна атмосфера и позитивни промени во училиштето. На седниците, низ „борба“ на идеи, расправавме за подобрување на стандардите за наставата и подобрување на квалитетот на образовниот процес, разговаравме за начините за подобрување на успехот и резултатите, дискутиравме по Ваши предлози, подржувавме и предлагавме едукативни проекти, рече Димоски.
Порака за успешна иднина до матурантите упати и нивниот соученик од генерацијата, Христијан Зафировски.
Јас сум дел од вас и не би можел да ве советувам само сакам да забележам дека ние младите треба да откриеме кои се вистинските вредности во животот и да се бориме за нив. Треба да ја земеме иднината во свои раце, рече Зафировски.
На свеченоста беа прикажани и видео презентации од класовите, им беа доделени дипломи на најдобрите, а настанот беше збогатен со културно-уметничка програма.