Квартетот Хеншел вечерва на Охридско лето
Eден од најпознатите и најквалитетните гудачки квартети на денешнината, квартетот Хеншел, вечерва на Охридско лето. Концерт е во рамките на традиционалната вечер на Европската унија, а покрај квартетот ќе настапи и нашата позната пијанистка, Нина Костова.
Квартетот Хеншел вечерва на Охридско лето. Ова е еден од најпознатите и најквалитетните гудачки квартети на денешнината кој има настапувано насекаде во светот. Вечерашниот концерт е во рамките на традиционалната вечер на ЕУ и годинава фестивалот слави еден мал јубилеј а тоа се десет години од соработката со канцеларијата на ЕУ во Македонија. Во изминатите десет години голем број на познати музичари биле гости токму на оваа вечер и дале особен придонес во квалитетот на фестивалската програма. Овој концерт ќе биде и хуманитарен па средствата од билетите ќе се наменат за настраданите во поплавените подрачја. Инаку ова е прво гостување на квартетот Хеншел на Охридско лето па импресиите на неговите членови се навистина големи.
Сигурен сум дека вечерашниот концерт ќе биде прекрасен и посебен а уште повеќе што со овој концерт ќе им помогнеме на оние кои настрадаа во невремето што ја зафати вашата земја, рече виолинистот Каталин Јуџин Десага.
Уметниците се водушевени од градот но и од црквата Св. Софија каде вечерва ќе се одржи концертот.
Тоа е едно прекрасно искуство. Црквата е прекрасна,а посебно нејзината акустика . Сигурен сум дека концертот ќе е фантастичен, вели челистот Матијас Бајер Карлсхој.
Голем впечаток им оставила и љубезноста и гостопримството на охриѓани и на организаторите на фестивалот.
Овде се сите толку топли, срдечни и љубезни. Навистина се чуствувам прекрасно. Не е ни чудо што овај народ е толку хуман и што се залага да им помогне на тие кои настрадаа во поплавите, вели виолистката Моника Хеншел.
Квартетот Хеншел ќе биде придружуван од нашата позната пијанистка Нина Костова. Со ова продолжува традицијата на фестивалот наши уметници да настапуваат заедно со светски реномирани имиња.