Skip to main content

Охрид и Воден ја прошируваат туристичката соработка

Охрид и Воден ја прошируваат туристичката соработка со што ги зголемуваат можностите за поголем број туристи кои ќе ги посетуваат овие два града. Нив ги сплоти заедничкиот проект Вотернет кој денес беше презентиран во јавноста. Соработката продолжува, најавени се нови заеднички проекти помеѓу овие две општини.

 |  Јаковлева Лионела  | 

 

Се зголемуваат можностите за подобра туристичка соработка помеѓу Охрид и Воден и зголемување на бројот на гости кои ќе ги посетуваат двата града кои се карактеристични по природните убавини и водни ресурси. Овие две општини со заедничкиот проект WaterNet пред една година добија средства од програмата за трансгранична соработка на ИПА фондовите. Денес, на ФТУ Охрид се одржа прекугранична изложба на која учествуваа сите партнери, Општина Охрид, Општина Воден, ФТУ и факултетот Аристотелис од Солун.
На оваа изложба, покрај трудовите кои  се презентираа, се презентира и се она што до овој момент е сработено од двете страни. Од македонска страна набавена е и инсталирана кујната во рамките на ФТУ, изработени се и промотивни штандови, следува поставувањето на туристичко информативниот центар во строгиот центар на Охрид, а на почетокот од септември следува изградбата на уште 200 метри од пешачката патека од мостот кај каналот до Парк, со што ќе се комплетира целата патека во должина од 1400 метри. Останува уште да се изгради ботаничката градина во склоп на ФТУ и да се дозавршат некои поситни активности кои се составен дел на овој проект, кој до крајот на декември треба да биде завршен.

Она што го сметаме како една од најголемите придобивки од овој проект е соработката со институциите од Грција и веќе аплициравме со нов проект кој е продолжение на овој проект, а кој се вика Water energy  кој се надеваме дека ќе ни биде одобрен, рече Ѓоко Апостолов -раководителот на ТЛЕР

Со новиот проект ќе се гради авантуристички парк во шумата над Лабино во Охрид, што ќе преставува една атрактивна целина за рекреација на сите граѓани , но и на посетителите кои доаѓаат во градов. Овој парк ќе биде вклопен во самата шума без никакви вештачки елементи.

Задоволство од заедничката соработка помеѓу општина Охрид и општина Воден изрази и директорот за туризам на Воден, Евангелос Киријаку. Тој рече дека најголемиот бенефит од ваквите проекти е продлабочувањето на врските и контактите помеѓу институциите од двете земји и можности и отварање нови патишта за развојот на туризмот.

Целта е да изградиме подобра соработка, особено во областа на туризмот на територијата на Балканот. Имаме многу слични работи, сличен идентитет, цивилизација, култура, природно богатство, и она што ни е заедничко- ја имаме водата. Целта на проектот е и да имаме повеќе посетители од Грција овде кои ќе го посетат езерото, ќе ги видат планините, изворите и останатите ресурси со вода, вели Киријаку.

Соработката помеѓу двете општини продолжува, а вистинските бенефити од реализацијата на проектот WaterNet  допрва ќе следат.