Skip to main content

Во Охрид има само три згрижувачки семејства

Во Охрид се прават напори да се зголеми бројот на згрижувачките семејства. Обучувачи кои преку програмата ПРАЈД добија посебни сертификати ги едуцираат заинтересираните граѓани како да станат згрижувачко семејство и како да одговорат на предизвиците. Имањето што поголем број згрижувачки семејства во еден град или држава е вистински благодет, велат од Центарот за социјални грижи.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Во Охрид има само три згрижувачки семејства. Центарот за социјални работи преку разни програми прави напори да ги стимулира граѓаните кои имаат можност за тоа да станат згрижувачко семејство бидејќи тоа е вистински благодет за децата на кои им е потребна ваква грижа. Згрижувачкото семејство е најблиската форма до семејството и многу поприфатлива од установите како што се домовите за деца без родители. Неодамна двајца обучувачи од Охридскиот Центар за социјална работа добија посебни сертификати за програмата ПРАЈД што е кратенка од родителски ресурси за информирање, развој и едукација на згрижувачките и посвојувачките семејства. ПРАЈД програмата е создадена во Илиноис Америка. Таа покажала големи резултати во Америка па набргу е применета и во Европа и тоа во Финска, Данска, Норвешка, Шведска. Подоцна е воведена и во средна и источна Европа, а од 2014 и кај нас. М-р Гордана Атанасова од охридскиот центар за социјални грижи која го доби овој сертификат вели дека работата на обучувачите не завршува со регрутирање нови згрижувачки семејства. Обучувачите потоа ги едуцираат згрижувачите како подобро да се грижат и да ги разберат децата кои ги згрижуваат, а кои  најчесто биле сведоци на многу непријатни животни ситуации.

За жал во Охрид не се јави ниту едно ново потенцијално згрижувачко семејство па обуки им вршевме на старите, веќе постоечки згрижувачки семејства кои се три во Охрид и две во Кичево. Обуките се вршеа во рамките на центарот за социјална работа, вели М-р Гордана Атанасова-социјален работник.

За да се зголеми интересот на граѓаните да станат згрижувачко семејство треба да се смени стратегијата на промоција и на работата со згрижувачките семејства. Потребно е да се отворат нови институции или органи кои ќе работат на оваа проблематика. На пример во Србија има Агенција која работи исклучиво на регрутација и обука на згрижувачки семејства. Таму интересот за згрижувачки семејства е голем па само во Белград има 1000 згрижувачки семејства кои користат многу поголеми бенефитеи од кај нас.

Можеби треба нешто да се смени во политиката, а најосновно е да се смени износот кој се издвојува за едно згрижувачко семејство. Потребно е воведување на некои бенефити за згрижувачите и нивно  евидентирање како даватели на улуги. Треба повеќе да се работи на бенефитите кои треба да ги користат згрижувачките семејства за да се зголеми интересот кај граѓаните, вели Атанасова.

Додатокот за згрижувачите за деца од предучилишна возраст изнесува 8 125ден., за училишна возраст 9 375ден., а за дете со пречки во развој 10 625ден.  Во Охрид има голема потреба и од интервентни згрижувачки семејства бидејќи многу често се случува, посебно во летниот период, малолетници сами да бидат пуштени на одмор и да дојдат во некаков судир со законот. Додека да дојдат нивните родители и да ги земат добро е да има вакви семејства каде можат привремено да се згрижат. Во наредниот период ќе се работи на промоција на ваквите семејства, вели Атанасова.