Skip to main content

Реакции по забраната за јавно емитување на музички дела на автори членови на ЗАМП

Забраната за јавно емитување на музички дела на автори членови на Здруженито за заштита на авторските музички права (ЗАМП), која стапи на сила од денес, ги збуни слушателите и гледачите, а медиумите се уште не знаат како да постапат. Реагираат и авторите и изведувачите. Од почетокот на годинава ова е втора ваква забрана од ЗАМП, со цел преку притисок да ги остварат сопствените интереси како здружение.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Од денес стапи на сила забраната за јавно емитување на музички дела на автори членови на Здруженито за заштита на авторските музички права (ЗАМП). Со ваквата одлука на ЗАМП не смее да се емитува музика во етерот, се додека здружението не ја отповика истата, односно не си ги реши проблемите со Министерството за култура.  Изведувачите со различни реакции, слушателите и гледачите збунети што се случува, а медиумите се уште не знаат како да постапат.

Одговорно тврдам дека ние како медиум, а сметам дека и поголемиот број на радија и телевизии во Македонија, со ништо немаме допринесено за ЗАМП да ни ја стави вон сила дозволата за јавно емитување на авторски музички дела. И во самата нивна одлука стои дека забраната произлегува од незадоволството на ЗАМП од односот на државните институции кон нив, поточно од односот на Министерството за култура. Сега сме во незавидна и безизлезна положба. Од една страна, можеме да се соочиме со огромни парични глоби, доколку не ја почитуваме одлуката на ЗАМП и продолжиме со емитување на музика. Од друга страна пак, ако не емитуваме минимум 8 часа неделно македонска музика, можеме да ги изгубиме дозволите за работа. Згора на се, ниту една институција не ни дава насоки како да постапиме. И од АВМУ и од Министертво за култура само креваат раменици и се прогласуваат за ненадлежни“ вели Ирена Арнаудова – Главен и одговорен уредник на Телевизија ТВМ.

Очекувани беа и реакциите на авторите членови на ЗАМП. Едни ја поддржуваат, а други остро реагираат на забраната за емитување на музика. За едни одлуката е скандалозна и срамна. Други имаат забелешка затоа што изведувачите не биле консултирани во носење на одлуката и сметаат дека праведно би било секој индивидуално да одлучи дали се согласува неговата авторска музика да не се емитува во македонскиот етер.

 

 

Дел од охридските музичари, кои ги контактиравме телефонски, главно се воздржаа од коментар.  Сметаат дека состојбите во здружението се комплицирани и не се доволно информирани за да можат да формираат издржан став. Познатиот охридски музичар Петар Нечовски, кој што воедно е и со најдолг стаж во ЗАМП , се надева дека за брзо ќе се најде заеднички јазик, во интерес на сите.

 „Јас мислам дека убаво е ова да се реши, односно да се донесе став и од министерството и од релевантните фактори што ја поставуваат како проблем заштитата на авторските права во Македонија“ вели Петар Нечоски, интерпретатор и автор.
Но, несогласувањата на релација ЗАМП и ресорното министерство не само што не се надминуваат, туку се продлабочуваат. Со издавањето лиценца на уште едно Здружение за заштита на авторски права под капата на Сојузот на композитори на Македонија – „СОКОМ-МАП“, формирано пак од незадоволни  довчерашни членови на ЗАМП, се урива долгогодишниот монопол на ЗАМП. Сега, со забраната се врши притисок врз државните институции, кои пак за волја на вистината имаа време да се подготват за ваквиот потег на ЗАМП, наместо да креваат раменици и да се прогласуваат за ненадлежни. Истава забрана ЗАМП ја даде и пред новогодишните празници, повторно со цел остварување на сопствените интереси како здружение.