Македонија во областа на науката и технологијата за производство на храна оди во чекор со светот
Македонија во областа на науката и технологијата за производство на храна оди во чекор со светот. За тоа говорат бројните нови откритија, публикации, трудови и студии на македонски експерти. Дел од нив претставени на првиот конгрес на црноморската асоцијација од областа на наука и технологија за производство на храна, кој деновиве се одржува во Охрид.
Охрид домаќин на првиот конгрес на црноморската асоцијација од областа на наука и технологија за производство на храна. Целта на конгресот е сите научници, не само од земјава туку и од целиот регион, да прикажат на останатите научници од светот, што сработиле, што знаат ново и тоа да го прикажат пред научната заедница. Професор Владимир Какуринов, извршниот директор на Консалтинг и тренинг центарот КЛУЧ, посебно се осврна на иновациите и достигнувањата од македонската научна фела.
„Гледавме се она што е најново од различни области да биде застапено. Пример имаме презентација од Македонија и истражување кој тип на храна влијае на кој тип на алергии и зошто, што е навистина ново и е од медицински аспект претставено. Потоа имаме и од нутриционистички аспект како поединечни состојки во храната влијаат врз исхраната на луѓето од категориа на мали деца до стари луѓе, имаме презентации како се преработува отпадот од прехрамбената индустрија во нови прехрамбени производи или како е можно да произведувате органски производ на нов и иновативен начин “.
Доктор Џенгис Јашар на конгресот презентираше труд во кој направил ретроспектива на се она што е во глобални рамки во однос на производството на храна и како храната делува како лек но и како потенцијална опасност посебно во делот на појавата на алергиски реакции.
„Вообичаено во нашата држава многу е поретка состојбата на алергии на храна, освен оние продукти кои се увезуваат. Нашата популација ја нема морската храна во секојденвието…постојат некои риби, школки и ракови и други морски продукти каде што првиот контакт може да направи сензибилизација на организмот и да развие алергична реакција. Она што е најчесто кај нас во нашата популација е млекото и јајцата“.
Треба да има голема соработка помеѓу различните професии кои се поврзани со храната, посебно во делот на производство, кунзумирање, начин на исхрана, а ваквите конгреси се одлична можност за тоа смета дипломираниот нутриционист Надица Илиевска.
„Нутриционизмот како наука во светски рамки е млада, но се развива со многу брзи чекори. Ние сме едни од ретките земји на Балканот кој што можеме да се пофалиме со едно државно универзитетско 4 годишно образование од областа на нутриционизмот и прехрамбената технологија, што значи дека навистина не заостануваме многу од светската наука. Треба само да се избориме за едно подобро однесување во нашето општество овде на нутриционистите кои што излегуваат од нашата катедра“.
Првиот конгрес на црноморската асоцијација од областа на наука и технологија за производство на храна е во организација на Консалтинг и тренинг центар КЛУЧ. Овој конгрес претставува платформа за дисеминација на знаење добиено преку работа во домашни, европски и меѓународни проекти пред повеќе од 150 претставници од 30 земји во светот. Овој настан дава единствена можност за вмрежување и размена на искуства меѓу научници, истражувачи, професионалци, компании, владини и невладини организации, консултанти и индивидуалци, кои работат во областите на призводство и преработка на храна, квалитет и безбедност на храна, исхрана, хигиенско инженерство и дизајн.