На ФТУ Охрид, сеуште има слободни места
На Факултетот за туризам и угостителство Охрид, сеуште има слободни места за 75 студенти. Поради тоа се наложила потребата и за четврт уписен рок. Новина која ја откриваат од факултетот е воведување на четврта академска година, од причина што пазарот на труд и новата систематизација на работни места налагала поголем степен на образование.
Во учебната 2016 – 2017 година на ФТУ во Охрид вкупно се запишани 257 нови студенти. Од деканатот на овој факултет задоволни се бројот на запишани студенти бидејќи со тоа успеале да се рангираат на првото место на факултети, од Универзитетот „Св Климент Охридски“ Битола. Денес на ФТУ е четвртиот уписен рок. Продеканот Доц. д-р Александар Трајков, за ТВМ појаснува од каде се наложила потребата и за четврт уписен рок.
„Државните квоти се целосно потполнети со исклучок на насоката осигурување каде што има само уште едно слободно место, додека сеуште имаме слободни места во квотите редовни студенти со самофинансирање и вонредни студенти и поради слободните места а и интересот кој што постоеше за дополнително запишување на нови студенти, со одлука на Универзитетот се донесе одлука за четвртиот уписен рок на кој сеуште примаме нови студенти на сите студиски програми на ФТУ со исклучок на насоката Царина и шпедиција каде што се потполнети сите места, но можат да се запишуваат студенти во квотите со националности“.
Трајкоски најавува и новина во насоките на сите студиски програми кои се изучуваат на факултетот кои ќе стартуваат од наредната година. Студиските програми кои што беа со три годишни студии како Хотелско ресторански менаџмент, гастрономија, исхрана и диететика од година ќе бидат четиригодишни академски студии и ќе бидат со 240 кредити исто како што се студиските програми по царина и шпедиција, менаџмент во услужен сектор и осигурување.
„Четвртата година се воведува од причина што пазарот на труд и новата систематизација на работни места налага поголем степен на образование во однос на бројот на кредити кои што ги стекнуваат студентите во текот на студирањето. Значи и претходните тригодишните студии беа академски студии, меѓутоа носеа 180 кредити, но новите систематизации и во јавниот и приватниот сектор бараат дипломи со 240 кредити, па ние излегуваме во пресрет и на нашите студенти и на стопанството и на јавните институции кои имаат потреба од таков кадар и работна сила“
Дополнително, во тек се уписите и на вториот циклус на студии на факултетот, кои ќе траат до 5 октомври годинава, информира продеканот за настава. Додаде дека има едногодишни и двогодишни студии во зависност од тоа дали студентите ќе конкурираат со 180 или со 240 кредити на сите насоки, односно 100 слободни места согласно конкурсот за запишување на студии, така што според бројот на одобрени акредитирани менторства за одборот за акредитации има уште 15 слободни места на третиот циклус на насоката туризам, а уписите се во тек.