НБА ѕвездата на екипата Минесота Тимберволфс, Кевин Гарнет, објави дека по 21 година проведени во најсилната лига на светот ја завршува кариерата.
Гарнет (40) преку својот Твитер профил обзнани дека ја завршува кариерата иако имаше договор со Волфсите за уште една сезона во која требаше да заработи 8 милиони долари.
Овој сестран играч, кој играше и за Бостон и кратко за Бруклин Нетс, во кариерата заработил преку 330 милиони долари што претставува рекорд во НБА, не сметајќи ги спонзорските договори.
Гарнет својот прв натпревар го одигра далечната 1995 година, а во кариерата има постигнато 26.071 кошеви по што е 17-ти стрелец во историјата, има 14.662 скокови (9-ти во НБА), додека дури 15 пати е избран во Ол стар екипата, а во 2004 година беше и најдобар играч во лигата.
Се простува како најдобар играч на Тимберволфс во историјата бидејќи за клубот од Минеаполис играл дури 13,5 години. Во 2007 година премина во Бостон Селтикс и една година подоцна го освои прстенот и насловот најдобар дефанзивец.
Во Минесота се врати во 2015 година, а последната сезона скоро и да не играше поради бројни повреди.