Ќе се реконструира опасниот потпорен ѕид во село Велгошти
Потпорниот ѕид во село Велгошти, охридско, во близина на основното училиште „Живко Чинго“, деновиве ќе се санира. Но ќе се санирал само оштетениот дел како што открива директорот на училиштето, Ѓоко Чингоски. Тој стравува дека постои опасност и останатиот дел од ѕидот да падне бидејќи веќе е распукан.
Ќе се реконструира опасниот потпорен ѕид во село Велгошти. Според најавите на директорот на ОУ „Живко Чинго“, Ѓоко Чингоски, стручни тимови од ЈП „Градски Гробишта“ веќе извршиле увид и се очекувало за една недела да отпочнат градежните активности околу овој зафат. Од таму најавиле дека ќе биде саниран само оштетениот дел.
„Гледате дека голем проблем е санацијата на ѕидот. Исто така оваа прилика ја користам да упатам голема благодарност до ЈП Градски Гробишта, но и до Локалната самоуправа. Ние велгоштани знаете сме благородни и благодарни луѓе и го цениме секој убав гест, но сепак во Велгошти има многу работи кои треба да се средат. Влегоштани секогаш гравитираат према Охрид и се дел од општественото живеење и апелирам да не се заборави Велгошти“- изјави Чингоски.
Како што ТВМ веќе информираше пред околу шест месеци, оштетениот потпорен ѕид е во билизина на основното училиште во Велгошти и истиот се заканува целосно да се урне. Првите посериозни одрони се случиле во октомври месец, минатата година, како што првично кажаа мештаните од оваа М. З. Исто така со паѓањето на потпорниот ѕид се разнишале и бандерите и не биле стабилни, а местото било подложно и на собирање вода бидејќи тука на сред ѕид била поставена цевката од атмосферската канализиција. Чингоски очекува дека конечно ќе биде ограден и училишниот двор, бидејќи дел од охридските пратеници и директори на ЈП им ветиле таков зафат.
„Школскиот двор ни е исто така многу важен станува збор за безбедноста на учениците и во таа насока ќе кажам дали има нешто повредно од детскиот живот, така што децении ние го бараме тоа оградување на училиштето за да имаме безбедно катче на нашите дечиња. Не се работи за голема инвестиција само треба да помогне Локалната самоуправа да се тоа среди. Ние имаме дадено премер пресметки години наназад, јас истото го барам три години наназад откако станав директор значи имаме дадено парцијално во три наврати па која сума одговара или кој дел дали парцијално или….јас апелирам да се огради спортската сала“ – вели Чингоски.
Во Велгошти има и други приоритети како што се, руинираниот дом, кој во секој момент може да се распадне, проблем бил и одводот на атмосферската вода кој и при најмал дожд дел од куќите ги поплавува, а исто така и немањето вода во летниот период, како проблем досега не бил надминат, информираше Чингоски во име на месната заедница на Велгошти како член на истата.