Skip to main content

„За посреќно детство“ секоја година со нови содржини

Годинава хуманитарно спортско – рекреативната акција „За посреќно детство“, приреди многу изненадувања и награди. Имаше натпреварувања во разни спортски дисциплини, зачинети со дополнителна енергија од чоколадната фонтана, што децата ги направи исклучително среќни.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Хуманитарно спортско – рекреативната акција „За посреќно детство“, денес го наполни градскиот плоштад во Охрид. Измешани популации од 7 до 77, сите со своите активности, предизвикаа огромно внимание кај присутните. Но и сончевото време допринесе масовноста на оваа акција да биде уште поголема.

„Симболично ја започнуваме со главната трка од чинарот до градскиот плоштад, каде што сите оние кои што истрчале добиваат награди. Со тоа ги отпочнуваме и останатите игри кои што ги имаме на потегот на градскиот плоштад и околу Охридско лето. Имаме најразлични спортски дисциплини како, шах, пикадо, ракомет, фудбал, хокеј на трева, бадминтон, тенис, скокање јаже, хулахоп“…вели Мимоза Ставрева од ОО на Црвен Крст Охрид.

Организатор на ова традиционално другарување и спортување е Црвен крст, во соработка со општина Охрид. Нивни верен партнер и поддржувач е комплексот Св.Ѓорѓија, Стоматолошки Центар Д-р Баткоски, кој и оваа година ги изненади присутните. Д-р. Небојша Баткоски открива дека од година во година расте свеста за оралното здравје и е на се повисоко ниво, што како податок радува. Тој денес својата ординација ја пресели на градскиот плоштад.

„Моравме да ги затвориме вратите на ординацијата, меѓутоа ќе отвориме многу други врати, така да традиционалната соработка со Црвениот крст од Охрид и во иднина ќе продолжи. Оваа година излеговме малку од концептот бидејќи минатите години имавме стоматолошка ординација која што беше поставена, но годинава направивме исчекор, организиравме работна акција како работилница, сите деца да си направат свој цртеж и најдобрите цртежи ќе бидат дел од календарот кој ќе го добие секое дете за наредната година“ – изјави д-р Баткоски.

Вистинска атракција беше чоколадната фонтана. Таа примами огромен број деца, но и возрасни, да го вкусат чоколадниот деликатес послужен со здрава храна.

Денес тука имаме чоколадна фонтана заедно со 20 килограми овошје и ќе ги послужиме дечињата кои учествуваат во вртање и во игрите кои ги организира Црвениот Крст и д-р Баткоски. Чоколадото во фонтаната е со 70 % какао, што значи здраво црно чоколадо. Имаме едукативни рубрики каде што кажуваме кои се придобивките од црното чоколадо и овошјето како енергија , за учесниците во детските игри

Денес се одбележува и меѓународниот ден на стари лица. На градскиот плоштад беа и волонтерите од програмата за грижа на стари лица кои се вклучија во спортските дисциплини и се дружеа со младите и ја промовираа програмата.

„Не се заборавени старите лица оние кои што живеат сами секој понеделник се јавуваме, им честитаме родендени, за празниците им носиме подароци за да се чуствуваат дека се корисни и пожелни граѓани на Охрид, тие се ситуирани но им треба љубов и внимание

И годинава со продажбата на учесничките броеви од акцијата „За посреќно детство“ се собираат средства кои ќе бидат наменети за социјално загрозените семејства во градот кои имаат деца со здравствени потешкотии.