Skip to main content

Охрид полн со ризични шахти

Асфалтот на охридските улици ќе се израмнува, но не се знае кога. Стручните екипи од Локалната самоуправа сеуште вршат детекција низ градските улиците, со цел да утврдат колку шахти и сливници треба да се нивелираат односно санираат, открива портпаролот на Секторот за комунални дејности Љупчо Танески.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Во градов речиси и да нема сообраќајница која е рамна без ризични шахти. Шахтите и сливниците се пропаднати и во секој случај се ризични за учесниците во сообраќајот. Овој проблем го детектирале и стручните екипи на Секторот за комунални дејности сообраќај и улици.

„За волја на вистината има такви одводи кои стрчат или кои се под нивото на улиците во целиот град. Во периодот што следува планираме таква активност но треба да напоменам дека во изминатиот период повеќе од тие ударни ненивелирани шахти низ градот беа предмет на санација од страна на Секторот за комунални дејности и од страна на ЈП „Нискоградба“

Танески вели, дека континуирано согласно програмата на секторот редовно санираат шахти посебно оние каде ги нема капаците или кои се клатат. Исто така посочи на кои улици во моментов има поголеми проблеми околу ненивелираните шахти и сливници.

„Во непосредна близина на новата автобуска станица, вакви шахти се забележани и по улиците „ Кленоец“, „Прилепска“. Во моментов надлежните служби од Секторот за комунални дејности сеуште работат на детекција на ваквите шахти, па после целосниот збир на овие шахти низ различни делови на градот ќе се пристапи кон нивна целосна санација“

Охриѓани се жалат дека поради ваквите нерамни или лошо изведени шахти, ги кршат возилата, ги абат амортизерите, а често страдаат и гумите. Нивните коментари се дека парите кои ги издвојуваат за патишта преку регистрирање на возилото се сосема доволни да возат по рамни улици.