Труењето не е решение на проблемот со бездомните кучиња
Проблемот со бездомни животни само се продлабочува а никако да се надмине. Од Здружението за заштита на животни „Анималија“ велат дека проблемот со бездомните кучиња не се решава со нивно труење, туку општина Охрид треба да поведе истрага, а во тоа да се вклучи и СВР од Охрид.
Труење на кучиња во Охрид. Од Здружението за заштита на животни „Анималија“ веднаш реагираат на ваквата појава. Климент Арнаудов од ова здружение укажува дека решението не е во труењето на кучињата, бидејќи од тој отров може да настрадаат дури и луѓето, па и малите деца.
„Неколку кученца се отруени, од кои едно успеавме да го спасиме, благодарение на навремена интервенција со ветеринарите и граѓаните кои што алармираа за случајот. Едно кученце со сигурност е починато, меѓутоа и едно да е стотина да се тоа не менува многу бидејќи со закон е забрането тоа да се прави бидејќи тоа не претставува само закана за животот на животните туку претставува закана и за екологијата, се прекршува законот за заштита на животна средина, кривичниот законик и законот за заштита на животни“.
Арнаудов нагласи дека во тек е проектот „Залови стерилизирај и врати“ кој до половина бил реализиран. Во моментов ја чекале втората рата да им биде префрлена од општина Охрид, за да го реализираат и другиот дел. Но и покрај тоа тие со сопствени средства ги реализирале активностите бидејќи во овој период имало многу кучки кои биле скучни и морало навреме да се интервенира, за да не се соочиме со онаа грда слика мали кученца да бидат исфрлени и да се продлабочува проблемот со бездомните животни.
„Ја запрашувам општина Охрид каде е тука да поведе истрага доколку таа не е сторителот во случајов, бидејќи кученцата се на нејзина територија значи тие се нејзини ние голем дел од нив ги имаме стреилизирано и вратено на улица буквално се вртиме во еден круг и правиме изгледа непотребни трошоци кога ги наоѓаме мртви. Тоа е ужасно. Исто така и од полицијата да се спроведе истрага да се спречат овие ужасни појави“
Според Арнаудов најчесто изговорот за труењето на кучињата е нивната наводна агресија, која луѓето често не ја препознаваат, дали кученцето сака да си игра или само лае. Додава дека кучињата не се раѓаат агресивни туку нивната агресија може да ја предизвика човекот. Во секој случај, Арнаудов вели дека законот е дециден кој треба да ја прецени агресијата на кучиња. Тоа е посебно тело, кое најпрво прави тестови за асоцијализација и доколку не е можно тоа се прибегнува кон еутаназија.