Сеуште се чека измена на деталниот план за изградба на нов објект кај маларична Охрид
Волја за изградба на Ургентен Центар на местото на маларична во Охрид има. Од Акционерското Друштво за стопанисување со станбен и деловен простор, велат дека се чека општина Охрид да го измени ДУПот, за ова место, за што веќе е поднесена иницијатива, а после тоа веднаш ќе отпочнат со реализација на овој голем проект. Директорот Цветко Грозданов смета дека изградбата на Ургентниот центар многу ќе значи за градов бидејќи истиот ќе биде најсовремен во Македонија.
Изградбата на современ Ургернтен центар на местото од маларична во Охрид зависи од промена на ДУП. Како што открива Цветко Грозданов првиот човек на Акционерското Друштво за стопанисување со станбен и деловен простор, проектантот и носителот на ДУП направиле грешка, односно проектирале домување заедно со здравство.
„Законски домувањето и здравство не одат заедно, мора да бидат оделени. Така што сега со градоначалникот Бакрачески правиме напори да ги одделиме домувањето од здравството и објектот кој ќе биде како Ургентен Центар или поликлиника ќе биде одвоен од зградите каде што треба да живеат луѓе. Во периодот кој што доаѓа, ние веќе донесовме иницијатива за промена на ДУП, очекуваме да општината постапи по тоа и очекувам со промената на ДУП от која ќе настане таму да отпочне со градба овој Ургентен Центар, кој ќе биде најсовремен во Македонија“ – вели Грозданов.
Факт е дека подолго време, односно години наназад, се најавува изградбата на репрезентативен објект од областа на здравството, на местото на маларична, која во моментов е во лоша состојба и е грда слика за туристичкиот бисер. Грозданов посочи каде лежи клучот, за час поскоро да се реши и овој проблем.
„ДУП от колку побрзо го реши општина Охрид и нејзините служби толку побрзо ние ќе пристапиме кон реализација на овој проект. Реков, како што се решаваат проблемите, оди малку споро не би сакал да кажам од кој причини и како, но, сепак една од основните пречки од одолговлекувањето на овие проекти се закажувањето на избори“ – појаснува Грозданов.
Согласно измените на ДУП на местото на маларична треба да се градат три згради. Ургентниот Центар предвидено е да се гради со приземје, три спрата и поткровје каде свое место ќе најдат повеќе медицински гранки вклучувајќи ја и Брзата помош. Овој дел ќе биде на Министерството за здравство, а свој дел ќе има и општина Охрид.