Концерт – Ансамблот Билјана и пријателите
„Ансамблот Билјана и пријателите“ е насловен концертот на музичкиот состав „Билјана Јуниор“. Овој настан ќе биде во рамките на свеченото одбележување на 75 годишнината од народното востание кое го организира општина Охрид.
Познатата охридска група на староградска музика „Билјана Јуниор“, ќе настапи на свеченоста по повод 11 октомври, денот на востанието на македонскиот народ. Концертот е во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 20 часот. Младиот хармоникаш од овој состав Јован Поп Стефанија, вели дека годинава одбележуваат 8 години од нивното формирање, како и два значајни јубилеи 5 годишнина од нивниот прв концерт и 65 години од постоењето на Ансамблот Билјана. Поп Стефанија не откри со кои песни ќе настапат, но затоа пак рече дека ќе приредат незаборавен концерт со повод.
„Оваа година одбравме да бидат песни кои што се малку познати и за охриѓани, а се од репертоарот и снимките на Ансамблот Билјана, ние ќе го изведуваме тој репертоар. Моментално за концертот составот ни е проширен свириме 7 луѓе, Андреа Лаброски, контрабас, Ангел Трајкоски, виолина, Христијан Томески гитара, кларинет е Бојан Лушкоски, Димче Бушиноски на тапани, Оливер Настоски на уд и јас на хармоника“
Гости на концертот насловен како „Ансамблот Билјана и пријателите ќе бидат истакнатата професорка по народно пеење Мартина Костова, која е и главен женски вокал на Ансамблот „Танец“, Ѓоко Танески, Петар Нечовски и Симона Поповска, информира Поп Стефанија. Тој за ТВМ откри кои се новитетите кои ги подготвуваат.
„Билјана Јуниор подготвува два проекти моментално кои се работат со полн ек. Едниот проект е издавање на „Песнарка“ со сите снимени песни на Ансамблот Билјана кои се снимени на 6 лонг плеј и 3 сингл плочи, за продукцијата на „Југотон од 1973 до 1986“, тоа е проект кој го работи нашиот басист Андреј Лаброски заедно со професорите од Штипскиот универзитет и ги поздравувам професорите со кои соработуваме. Се надеваме дека средината на декември пред Нова Година треба да излезе таа песнарка која ќе има и интернет издание што ќе можат да го користат сите школи, ученици вљубеници во народната музика на еден начин нешто што ќе остане за сите времиња“
Вториот проект е уште поинтересен. Тој проект, како што раскажа младиот Поп Стефанија го работат со „Баба Фила“, Филипина Момироска, жената која ги знае сите песни кои досега не се снимени никогаш, а народот некогаш ги пеел. Станува збор за аранжман на десеттина песни кој наредната година ќе биде издаден како нивен трет носач на звук. Во овој проект била вклучена и професорката Мартина Костова, како професионалец која ќе допринесе овој проект да изгледа онака како што треба.