Граѓаните кои чекаат градски превоз на потегот од хотел Дончо па према излезот на градов сеуште се под ведро небо
Многу локации во градов се користат како автобуски постојки иако таму нема никакви услови за тоа. Нема ниту клупа, ниту настрешница па граѓаните чекаат превоз на отворено. Тие бараат да се уредат и овие места како оние петте локации на кои општината постави современи автобуски постојки. Од Локлната ветуваат дека оваа граѓанска иницијатива ќе влезе во програмата за наредната година.
Граѓаните кои чекаат градски превоз на потегот од хотел Дончо па према излезот на градов сеуште се под ведро небо. Освен знакот дека тука има автобуска постојка ништо друго не асоцира на тоа. Нема ниту стојалиште,ниту покрив, ниту пак клупа.
Локалната самоуправа неодамна на пет локации во градов постави нови автобуски постојки. Сите пет локации се на бул „Туристичка“. Две од нив се кај маркетот „Тамаро“ во непосредна близина на ул. „Абас Емин“, една кај зградата на Печијаре, стојалиште има помеѓу Охридската гимназија и ОУ „Григор Прличев“ и една веднаш после пресекот на Туристичка со ул „Јане Сандански“. Но постојки нема на останатите места во градов каде граѓаните чекаат градски превоз. Љупчо Танески од Секторот за комунален развој, сообраќај и патишта информираше дека автобуските стојалишта се поставуваат согласно приоритетните потреби на граѓаните и согласно програмата за комунално уредување на општина Охрид.
Во ниеден дел од градот граѓаните не се заборавени и ќе бидат поставени и на овој потег автобуски постојки, но треба да се направи новиот план за поставување автобуски постојки и да се изнајдат средства за изработка и реализација на оваа програма. Нашата заложба за разубавување на Охрид продолжува па во таа насока е и изградбата на овие автобуски постојки, вели Танески.
Инаку, поставувањето на 5 -те нови постојки на Туристичка чинеше 1.040.000, 00 денари, а го изведуваше скопската фирма „Турбо инжинеринг“ специјализирана за поставување на автобуски постојки. Засега од одделението за Комунален развој немаат сознание колкав е потребниот број на постојки и на другите локации во градов но при изготвување на програмата за комунално уредување според можностите ќе се води сметка за потребите на граѓаните од сите делови на општината.