Skip to main content

Како до бесплатна правна помош доколку ни се повредени човековите права

Охриѓани денес имаа можност да се информираат како да добијат бесплатна правна помош доколку им бидат повредени човековите права. Отворена е и бесплатна телефонска линија каде сите граѓани кои сметаат дека им се нарушени основните човекови права можат да се јават и да побараат помош. Проектот е на УСАИД и  македонското Здружение на млади правници.

 |  Јаковлева Лионела  | 

 

Како до бесплатна правна помош доколку ни се повредени човековите права. Денес охриѓани имаа можност да се запознаат како да си помогнат доколку се најдат во ваква ситуација. Тимот на Проектот на УСАИД за заштита на човековите права заедно со лица вработени во македонското Здружение на млади правници, граѓаните кои беа на градскиот плоштад ги информираа за  активностите предвидени во проектот, со посебен фокус на бесплатната правна помош за жртви на повреди на човекови права, како и правното застапување пред домашни и меѓународни судови. Отворена е и бесплатна телефонска линија каде сите граѓани кои сметаат дека им се нарушени основните човекови права можат да се јават и да побараат помош. Телефонскиот број е 080 077 800.

Имаме доста јавувања на дневно ниво луѓето пријавуваат секакви прекршувања на човековите права и се надеваме дека со самото тоа што дојдовме тука во Охрид денес ќе има уште поголема заинтересираност, вели Александра Цветаноска, од македонско Здружение на млади правници.

 Проектот на УСАИД за заштита на човековите права е програма со времетраење од три години која има цел да допринесе кон унапредување на заштитата на човековите права, како и демократските вредности во Р. Македонија преку правна едукација, стратешко застапување и зајакнување на правни професионалци и граѓански организации. Тој има за цел да создаде тим на вешти правни професионалци оспособени да го предизвикаат правниот систем и изградат пракса за одбрана на човековите права и основните демократски вредности загарантирани со Уставот, потенцираат од тимот на Проектот на УСАИД за Македонија.


Ние ги охрабруваме да поведуваат постапки бидејќи секој човек заслужува да си ги заштити своите права особено кога станува збор за основните човекови права, вели Цветаноска.

Преку програмата за практикантска работа проектот ќе им помогне на младите правници во идентификување и спречување на повреди на човековите права како и во обезбедување на заштита како дел од нивните професионални активности. Покрај во Охрид, овие совети можеа да ги слушнат и стружани бидејќи тимот беше гостин и во овој град.