Skip to main content

Охридските извидници ги промовираа своите активности

Секоја недела во 12 часот во бараките на Трудбеник се состануваат охридските извидници. Тоа е местото каде што ги кројат плановите за реализација на бројни активности и проекти. А денес, на градскиот плоштад во Охрид презентираа што сработиле и што ќе работат во иднина, воедно повикувајќи ги сите млади на возраст од 7 до 18 години да се приклучат кон нивниот одред, расположен за дружба и поборник на здравиот начин на живеење во природа.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Денес ИО „Пионер“ на градскиот плошатад изврши промоција на својот одред. Тие пред присутните презентиираа што сработиле, што работат и кои се нивните идни активности. Што треба за да станеш извидник, кој се може да стане дел од ова големо семејство? На овие прашања одговори Николче Костоски од ИО „Пионер“.

„Извидништвото претставува една голема филозофија на живеење кое се применува насекаде низ светот. Во извидници можат да се научат многу работи. Пред се инсистираме до сите млади кои се заинтересирани и се големи љубители на природата и дружењето, да дојдат да не посетат за да видат што работат извидниците“ – вели Костоски.

Охридските извидници ги привршија натпреварите кои им биле предвидени во тековната година, а сега се подготвуваат за реализација на проекти.

„Аплицираме на места каде што можеме да добиеме проекти односно за да можиме да го подобриме начинот на живеење во извидништвото. Поголем проект кој го подготвуваме покрај „Игри без граници“ кој ќе се одржи после првото полугодие почетокот на 2017 година, сакаме да организираме со другите извиднички одреди зимување кое ќе биде на некое зимско одморалиште во Македонија“.

Зборно место на ИО „Пионер“ кој во моментов брои околу 30тина членови и кој функционира поделен во неколку категории во групи од 7 до 18 години, се бараките на Трудбеник, секоја недела во 12 часот. Костоски ги повикува сите заинтересирани да се приклучат кон нивното друштво бидејќи има што да научат за извидништвото и она што како знаење се стекнува таму не може да се стекне на друго место. Инаку ИО се финансира преку проекти, имаат поддршка и од Локалната самоуправа која им излегува во пресрет за некој настан.