Целосно се ревитализира манастирскиот комплекс „Света Богородица Перивлепта“
Со пригодна свеченост денеска беше одбележано завршувањето на седумгодишниот проект за конзервација и ревитализација на манастирскиот комплекс „Света Богородица Перивлепта“. Со тоа му се врати сјајот на овоај значаен средновековен споменик кој е еден од најрепрезентативните споменици на византиската уметност во светски рамки.
Целосно се ревитализира манастирскиот комплекс „Света Богородица Перивлепта“. По седумгодишна активна работа на конзервација и ревитализација заврши проектот со кој му се врати сјајот на овоај значаен средновековен споменик и еден од најрепрезентативните споменици на византиската уметност во светски рамки. Станува збор за исклучително важен проект спроведен со грант на Фондот за културна заштита на Амбасадата на САД.
Kонзерваторските зафати се изведени со највисоки конзерваторски стандарди и со примена на најсовремени техники и материјали. Поставен е нов покрив, нов дренажен систем, заменeти се дотраените градежни елементи, обновена е фасадата, реставрирана камбанаријата, конаците и направена е конзервација на живописот во црквата.
Амбасадорот на САД Џес Бејли истакна дека овој проект е еден од најголемите и најважните од многуте слични зафати што САД преку својот Амбасадорски фонд ги спроведуваат во повеќе од 125 држави во светот.
Мошне сме горди што на овој начин придонесуваме за зачувувањето на ваквите богатства, за следните генерации да можат да уживаат во нивната убавина. САД во моментов поддржуваат 13 слични проекти од Гевгелија до Кокино, од Кратово до Тетово. Наша решеност е да и помагаме на Македонија во зачувувањето на извонредниот диверизитет на богатото културно наследство, и да придонесеме за негова промоција како светско културно богатство, истакна Бејли.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска искажа задоволство што со овој проект се реализираат заедничките заложби за сочувување на „Света Богородица Перивлепта“, како свето место длабоко впишано во македонската културна и духовна историја.
Уверена сум дека овој манастирски комплекс од 13 век, кој е збогатен и со галеријата на непроценливите охридски икони од 11 до 19 век, ќе биде исклучителен придонес за промоцијата на нашето културно наследство, кое е еден од главните атрибути за препознатливост на Република Македонија во меѓународен контекст, рече Канческа-Милевска.
Митрополитот дебарско-кичевски, владиката Тимотеј, во име на верниците и свештенството се заблагодари за донацијата на американскиот народ за заштитата на црквата „Света Богородица Перивлепта“, за изведените археолошки, архитектонски и конзерваторски зафати и делумно изградбата на помошниот објект.
Со грижа на Министерството за култура и со финансиска подршка од Амбасадата на САД со овој потфат го оставаме храмот на идните наши поколенија и потврдуваме дека сме народ кој знае да цени, вреднува и заштитува секакво општо културно благо кое припаѓа на македонскиот народ и на севкупната светска културна јавност, и сега Перивлепта може да се види во целосниот нејзин сјај, рече владиката Тимотеј.
Проектот за конзервација и ревитализација на храмот „Света Богородица Перивлепта“ и придружните објекти во рамки на комплексот се спроведуваше изминатите седум години, со финансиска помош на Амбасадата на САД во висина од 650 илјади долари. Во неговата реализација учествуваа седумдесеттина лица од Завод и музеј Охрид и од Националниот конзерваторски центар од Скопје, со стручна поддршка од странски експерти предложени од УНЕСКО и од Советот на Европа.