Skip to main content

Дијагностичка анализа за сливот на Дрим

Стратешки акционенен план и заедничка визија за управување со реката Дрим, се очекува да произлезе од денешниот прв состанок на Фокус групата за Дримскиот басен. Исто така треба да се формира и заедничка Дримска комисија која ќе управува со сливот на Дрим. Нејзината улога ќе биде да дава препораки на Владите на сите земји околу тоа, какви одлуки треба да се донесуваат во интерес на зачувување и квалитетно управување од еколошки, социјален, економски и енергетски аспект на Дримскиот Басен.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Денес се одржа првата средба на фокус групата од ГЕФ проектот „Овозможување на прекугранична соработка и интегрирано управувње со водените ресурси во целокупниот басен на реката Дрим“. Вакви средби веќе се одржани во Албанија, Црна Гора и Косово. На нив присуствувале сите засегнати страни кои ќе допринесат и на локално и на централно ниво за реализација на овој проект кој официјално започна јуни месец годинава и ќе трае 4 години, како што појасна заменик министерот за животна средина Стево Темелковски.

„Ќе резултира со една меѓудржавна дијагностичка анализа од која што ќе произлезат планови за управување со водните ресурси. Токму денешната средба ќе ги даде приоритети какви се што се и колку се….но очекувани резултати од овој проект за нас во Маскедонија е многу важен тоа е планот за управување со речниот слив посебно за басенот на Охридското Езеро, за Преспанско Езеро веќе имаме, тој е направен со минатите проекти, тоа значи дека ќе се комплетира овој Јадрански слив“ – истакна Темелковски.

Проект координаторот Дејан Паноски, истакна дека од денешниот состанок на фокус групата треба да се развијат можности за работа на трансграничната дијагностичка анализа на сливот, која што е главниот документ кој што треба да произлезе од овој проект. Паноски истакна дека Македонија е клучна бидејќи на наша територија извира реката Дрим.

„Планот за управување ќе мора посебно да обрне внимание на истекот на реката Дрим и после тоа да се регулира во некоја понапредна фаза, евентуално водостојот, нивото на водите во Дримскиот басен за да може да се спречи прво поплавување како што имавме неколку години наназад а потоа и да се ефектуира хидропотенцијалот, односно да не го загрози енергетскиот потенцијал на сите земји кои што гравитираат во овој басен“.

Паноски информираше дека досега за Дримскиот басен е малку работено. Допрва треба да се направи квалитетен мониторинг, институциите треба конечно да седнат на една маса да расправаат и да ги утврдат сите приоритети со цел да се види кој сектор какви интереси има, тие да се избалансираат и конечно да се постави мапа за управување со сливот. Имплементацијата на меморандумот за разбирање за Дрим е поддржана од ГЕФ Дримскиот Проект. Имплементиран е од страна на УНДП и спроведуван преку Глобалното партнерство за води – Медитера, во соработка со Економската Комисија за Европа при ОН. Медитера воедно е Секретаријат на Дримската Кор Група обезбедувајќи техничка и административна поддршка.