Охрид ја доби првата сензорна соба во регионов
Охрид ја доби првата сензорна соба во регионов. Таа ќе биде исклучиво за потребите на учениците од ОУ „Св Климент Охридски“. За таа цел училиштето оспособи дел од магацинскиот простор кој доби лик на едно посебно катче за децата со потешкотии во развојот.
Денес официјално во употреба беше пуштена долгонајавуваната сензорна соба. Оваа соба која ќе функционира во рамките на ОУ „Св Климент Охридски“ е прва од ваков карактер не само во градот туку и во целиот регион. Директорот на училиштето Јордан Пуроски, искажа благодарност за добрата соработка со Црвениот Крст од Охрид како и на претставникот на Мировниот Корпус, кои се залагале за да ја остварат нивната првичната замисла од пред една година
„Тука ќе можат да ја користат сите ученици од нашето училиште, сензорната соба ја користат учениците кои што имаат потешкотии, кои што се хиперактивни кои што имаат емоционален проблем при емоционалниот развој итн…. исто така ќе ја користат и учениците од посебните образовни потреби“.
Сензорната соба претставува средство за работа на дефектолозите, на терапевтите, кои што се обучени да работат, со цел да се стимулираат дечињата кои што имаат одредена потешкотија, појаснува Билјана Аслимоска, инклузивен дефектолог во училиштето.
„Дали ги стимулираме аудитивните сетила, визуелните, сетилата за допир, рамнотежа, зголемување на концентрација и внимание. Би се работело на релаксација рекреакција меѓутоа сето тоа да води кон конструктивност, не претставува сензорната соба игротека, туку се води поставена цел која треба да се реализира се со цел да се достигне тоа ниво“ – нагласува Аслимоска.
Сензорната соба е финансирана преку Спа проект од Мировен Корпус, Македонија. Претставникот на Мировниот Корпус Александар Џонс, вели дека за брзо време ќе се види позитивниот ефект од сензорната соба. Додаде дека и во Америка земјата од каде што доаѓа идејата за сензорните соби не се разликуваат од оваа во ОУ „Св Климент Охридски“.
„Ние со ова сакаме да покажеме, да достигнеме дека се повеќе деца ќе ја користат собата, но и да се подигне свеста да се види добриот резултат од користењето на вакви сензорни соби и да се отворат повеќе во градот и повеќе деца да имаат пристап до сензорното образование“ – вели Џонс.
Голема заслуга за денешното отварање на сензорната соба има и ОО на Црвениот крст од Охрид. Волонтерите на оваа хуманитарна организација посветено работат на ниво на задачата и успеваат да ги реализираат проектите кои се од големо значење.
„Црвен крст од Охрид во соработка со Мировен Корпус Македонија, и како благодарение на волонтерот кој што две години работи во нашата организација Александар Џонс успеавме да добиеме мал Спа гранд проект од Мировен корпус и да опремиме оваа сензорна соба од каде добивме навистина позитивни импресии и одлична можност за соработка сето ова да се реализира и во текот на нашата едногодишна работа сето ова да стане реалност“
Ставрева најави дека во продолжение на овој проект, наскоро следува и отворање на музичка терапија во просториите на Црвениот крст Охрид. Средствата кои се обезбедени од Мировниот Корпус за проектот за сензорната соба и отворањето на музичка терапија изнесуваат околу 4 000 американски долари.