Skip to main content

Грозданов: Охрид има потреба од изградба на комерцијални станови

Градежната експанзија во населбата Билјанини Извори каде што била зацртана градба на триесетина и повеќе згради би донело до хиперпродукција на станови во Охрид, изјави првиот човек на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор, Цветко Грозданов. Тој смета дека таа експанзија во изминатиот период била непланска, а според него, на Охрид му треба изградба на комерцијални станови кои ќе ги купат охриѓани.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Охрид има потреба од изградба на комерцијални станови кои ќе бидат наменети исклучително за граѓаните од општина Охрид. Според директорот на АД за стопанисување со станбен и деловен простор Цветко Грозданов, тоа во многу зависи од донесувањето на стратегија, колку и како ќе се шири градот и дали ќе има можност за градба на комерцијални згради од страна на Локалната самоуправа на Охрид.

„Ние како институција би изградиле само комерцијални станови само онаму каде што сметаме дека ќе бидат продадени и каде што најчесто ќе ги купат граѓани на Охрид. Имаме и маркица и можност и дел комуналии платено за градба на одредена зграда која што е во билизна на комерцијалните и социјални станови но поради експанзијата градежна која што според мене е непланска во изминатиот период, на еден од потезите од Билјанини извори во кои што се зацртани градба на некаде околу триесеттина и повеќе згради, сметам дека тоа би донело до хиперпродукција на станови во Охрид а со тоа и намалување на цената и квалитетот на становите“.

Грозданов нагласува дека доколку дојде до намалување на цената на становите, би паднал и стандардот на охриѓани. Додава дека тоа најмалку му го посакува на градот во овој момент.

„Охрид е град кој што заслужува поголемо внимание од било која институција затоа што сепак Охрид како туристички центар треба да го доживеат не само ние како охриѓани туку и цела Македонија Балканот Европа па и светот“.

Раководителот на подрачната единица на АД за станбен и деловен простор на РМ Гоце Георгиевски пак, тврди дека во Охрид сите комерцијални станови се распродадени и во овој момент имало голема побарувачка. Дополни дека лесната продажба најверојатно се должи на пониската цена во однос на оние што ги формираат приватните инвеститори. Неговите очекувања се дека со отпочнување на реализација на проектот кај Маларична, голем дел од побарувачката на станови во Охрид ќе се задоволи.