Течат работите за изградба на рекреативната патека кај каналот Студенчишта
Течат работите околу изградба на пешачко рекреативната патека кај каналот Студенчишта. Овој проeкт предвидено е да се реализира во рок од една година, односно до септември 2107. Досега работите на терен течат одлично, информираат од Секторот за Комунални дејности сообраќај и улици.
Два месеци активно се работи на пешачко рекреативната патека од мостот кај езерската полиција до Билјанини извори. Рокот за комплетна реализација на овој проект, изградба на пешачка патека во должина околу 500 метри, вреден околу 300 000 евра, е 12 месеци. Портпаролот на Секторот за комунални дејности Љупчо Танесеки, вели дека во тек се земјените работи, односно ископување на ровови во постоечкиот канал, транспорт на ископаниот материјалот и одведување на водата која што е во каналот за да се вршат градежните работи.
„Засега сме задоволни од динамиката и интензитетот на градба на терен, доколку послужат временските услови со оваа динамика и темпо ќе продолжиме и во периодот што следува. Исто така посебен шмек на оваа патека треба да даде и двометарската платформа која се наоѓа на десната страна од постоечкиот канал, која што освен визуелен аспект ќе има и големо техничко значење со тоа што ќе обезбедува и пристап до пловните објекти“ – вели Танески.
Покрај главните технички перформанси, ќе се оформува и коритото на каналот Студенчишта, пренесува Танески. Додава дека во овој проект стручните тимови на Секторот размислувале и за визуелниот аспект.
„По целата должина на патеката ќе биде оформен и поплочен постоечкиот канал, од двете страни ќе се наоѓаат пешачко рекреативни зони кои што ќе бидат изградени во целост од еколошки материјали, ќе има два дрвени моста, ќе иам и два видиковци кои што ќе даваат еден посебен шмек на оваа патека“
Градежните работи за пешачко рекреативната патека кај каналот Студенчишта ги изведува ДОЕЛ Бифора Инженеринг од Охрид, кој се јави како најповолен понудувач, а со кој економски оператор општина Охрид склучи и договор. Инаку овој проект е согласно годинешната програма за работа на Секторот за комунални дејности сообраќај и улици.