Вдомување на кученца
Мали прекрасни кученца со панделка околу врат, чекаат вдомување. Денес охриѓани имаа можност да го направат тоа на градскиот плоштад. Членовите на здружението за заштита на животни „Анималија“ очигледно водат грижа малите и слатки миленичиња да бидат чисти, нахранети и здрави и да добијат свој дом.
Викенд акција за вдомување на мали слатки миленичиња. Денес на градскиот плоштад во Охрид членовите на Анималија, здружението за заштита на животни, организираа акција за вдомување на мали кученца. Анастазија Димзовска која со нескриени страсти зборува за кученцата вели дека акцијата има за цел да им се обезбеди дом на што е можно повеќе кучиња, бидејќи доаѓа зима, а кученцата ќе бидат осудени на страдање, глад и смрт на улица.
„Многу кучиња ни се насобраа и едноставно не можеме да ги донахраниме со наши трошоци. Исто така овие малечки да се вдомат пред да пораснат, бидејќи тогаш никој не ги сака и затоа ќе се обидеме вака додека се помали…можеби некој ќе се заљуби во нив, апелираме до сите да дојдат да донираат да ги видат можеби на некој ќе му се допадне некое кученце да си го земе дома и да си добое најдобаро пријателче“.
Најмногу заинтересирани за вдомување на кученцата се малите деца, бидејќи додека се мали можат да ги галат и да си играат со нив, нагласува Димзовска. Таа додава дека десеттина кученца чекаат свој стопан, и пренесе дека странците биле повеќе заинтересирани да вдомат милениче.
„Претежно кученцата кои ги имаме вдомено досега се во странство, многу сме задоволни од помошта кои ја даваат луѓето од странство, вдомени се кучиња и во нашата земја но интересот кај нас е помал“
Димзовска истакна дека во градов има многу големи кучиња скитници што претставува проблем не само на Анималија туку и воопшто на општина Охрид. Тие вршеле стерилизација на дел од нив посебно на места каде што има глутници од кучиња. Но посебен проблем е дислокацијата на кучињата бидејќи немаат возило да ги следат на секој чекор.